Тешки времиња претстојат за црногорскиот шампион Будуќност, кој пред стартот на новата сезона остана без главниот спонзор.
Компанијата „Бемакс“ која го спонзорираше клубот од 2021 година заминува по истекот на тригодишниот договор.
Кога оваа компанија дојде во клубот, Будуќност исто така имаше големи финансиски проблеми, но според информациите сега клубот нема никакви долгови од претходните сезони и веќе е формиран ростерот за престојната сезона.
„Ни беше чест што бевме спонзори на таков бренд како Будуќност. Успеавме да ги решиме собраните финансиски проблеми, да допринесеме во формирањето на тимот за наредната сезона и да го оставиме клубот без ниту една незавршена обврска. Веруваме дека клубот наскоро ќе добие нов спонзор и ќе продолжи да биде најдобар претставник на црногорскиот ракомет“, се огласија од „Бемакс“.
Будуќност во новата сезона ќе игра во групата Б од Лигата на шампионите против унгарскиот Ѓер, норвешкиот Кристијансанд, данските Есбјерг и Оденсе, германскиот Лудвигсбург, францускиот Брест Бретањ, како и романскиот Рапид Букурешт.