Танески: Најважен е првиот натпревар со Словачка, посакуваме пласман на ЕП

Машката кадетска репрезентација на Македонија на почетокот на месец јануари ќе игра квалификации за пласман на Европското првенство 2024.

Селекторот Наум Танески за време на подготвителниот период ќе ја провери формата на секој од 20-те повикани ракометари кои што се во конкуренција за настап во квалификациските натпревари.

Танески во разговор за 24Ракомет истакна дека најголемиот акцент за подготовките е ставен на техниката и тактиката.

„Подготовките се одвиваат според планот, акцентот во подготвителниот период е ставен на воигрување на екипата, се работи доста на технички и тактички план .Направена е една измена во тимот, на местото на Марко Димовски, кој пријави повреда, дополнително е повикан левото крило од Бутел, Марко Каевски. Нашите очекувања се секако пласман на Европското првенство во Црна Гора”, изјави Танески.

Македонскиот стратег даде и свои видување за ривалите на Македонија во квалификациите.

„Противниците ги анализираме и се подготвуваме за нив. Швајцарија има најдобар рејтинг во групата, летото на Евро Купот за 2006 генерација го освоија третото место во многу силна конкуренција. Многу важен за нас ќе биде првиот натпревар со Словачка, од овој натпревар најмногу ќе зависи конечниот пласман и освојувањето на едно од првите две места што водат на Европското првенство”, додаде Танески.

Македонија квалификациските натпревари ќе ги игра на свој терен, во спортската сала „Автокоманда“.

„За оваа генерација се зборува дека е доста талентирана, но ни треба време и многу натпревари за да може да видиме со каков потенцијал моментално располагаме. По добивањето на распоредот на квалификациите, репрезентациите на Швајцарија и Словачка се ставени како фаворити во групата, но ние играме на домашен терен, пред нашата публика и можам да кажам дека на секој натпревар ќе го дадеме максимумот”, заврши Танески.

Репрезентацијата на Македонија е во група со Косово, Словачка и Швајцарија, а квалификацискиот турнир се игра од 5 до 7 јануари. Најдобрите две репрезентации ќе обезбедат пласман на кадетскиот континентален собир 2024.