Танески: Добивме јасна слика на кој можеме да сметаме во иднина

Машката кадетска репрезентација на Македонија имаше две квалитетни проверки пред летниот настап на Европското првенство што ќе се игра во Црна Гора.

Токму против домаќинот на континенталниот собир, Црна Гора, Македонија славеше на двете средби. На првата 28-20, додека на втората 32-28, иако пристигна на денот на првиот меч во Подгорица.

Селекторот Наум Танески е задоволен од двата теста, и вели дека доби јасна слика на кои од ракометарите колку може.

„Проверките во Црна Гора ни послужија за ја видиме формата на играчите, исто така шанса добија некои играчи што до сега не биле во оваа селекција. На првиот натпревар игравме со проверен ростер и дечките го испочитуваа договореното, додека на вториот шанса добија сите ракометари и тука добивме една јасна слика на кој можеме да сметаме во иднина“, вели Танески.

Македонија би можела да настапи на Медитеранските игри за кадети што се играат во мај, а тогаш за нашата селекција веројатно ќе дебитира младиот Николас Најденовски од шведскиот Луги.

„Во ЕХФ неделата во мај се одржуваат Медитеранските игри за 2006 генерација во Анкара и би било добро да се учествува на истите и да се одиграат натпревари против ракометните велесили Шпанија, Франција, Хрватска, Словенија. Николас Најденовски би бил добро освежување за нас доколку ја добие потребната документација за настап. Благодарност до РФМ што ни овозможува пријателски натпревари за воигрување и проверка на формата на играчите во сите ЕХФ недели“, продолжи Танески.

Нашите кадети ќе имаат тешка група на Европското првенство.

„Во група сме со Германија, Франција, Полска – ракометни велесили, нам ни останува да се припремиме добро и ако ни се пружи шанса да пробаме да приредиме некое изненадување“, заврши македонскиот селектор.

Следната акција кадетите ќе ја имаат во ЕХФ неделата во мај.