Талески: Треба да бидеме опуштени, да ја играме нашата игра

Машката сениорска репрезентација на Македонија во среда го започнува настапот на Европското првенство во Германија.

Прв ривал на избраниците на Кире Лазаров ќе биде репрезентацијата на Франција и токму со овој дуел ќе биде отворено 16. издание на континенталните собири.

Левиот бек Филип Талески во разговор за 24Ракомет ги сподели своите очекувања за настапот на ЕП.

,,Пред тој натпревар, со Франција, има позитивна трема, тоа е затоа што никогаш нема да се случи да ја имаме таа привилегија да отвориме едно натпреварување пред 50.000 публика, ќе се испишува историја и таа позитивна трема треба да ни биде мотивација за нашата игра, тоа за нас ќе биде еден нов предизвик. На Европското првенство ќе ја играме нашата игра која ја наметнуваме, да трчаме, да гледаме да не правиме многу технички грешки, сега сите сме подготвени за тој тркачки дел и мислам тоа треба да не краси во иднина. Мислам дека одамна немаме добиено натпревар на големо натпреварување во првата фаза, секој сака да патува во втора фаза, играме со големи репрезентации и од моја гледна точка треба да бидеме опуштени, да играме најдобро како што знаеме. Во минатото се покажало дека не победува секогаш фаворитот, се случувало на голем број натпревари фаворитот да изгуби, а аутсајдерот да победи, не само на големите натпреварувања, туку и во Лигата на шампионите, па доколку го отвориме натпреварот во наша полза, можеби ќе се случи да изненадиме”, изјави Талески.

Натпреварот меѓу Франција и Македонија ќе се одигра на „Меркур Шпил Арена“ во Диселдорф со почеток од 18:00 часот.

Освен Франција, македонската репрезентација ќе игра против домашната селекција и незгодната Швајцарија.

🎥Авион, па автобус – ракометарите се „чекираа“ во ладниот Диселдорф

Кузмановски за 24Ракомет ТВ: Ние сме Македонци, нема предавање (ВИДЕО)