Талески: Сите играчи сфатија што значи да се игра европски ракомет

Македонската репрезентација се собра во ЕХФ неделата и ќе се подготвува за двете пријателски натпревари со Грција.

Левиот бек Филип Талески, кој од оваа сезона одново е интернационалец, вели дека двомечот ќе послужи да се бруси формата до ЕП со квалитетен ривал.

„Имаме пред нас пријателски натпревар на кој можеме сите да се пробаме и да видиме што може да се промени до Европското првенство во Германија, каде што не чека една тешка група. Играме со противник кој во последните години вложува, екипи од Грција излегуваат на европската сцена, а се квалификуваа и на ЕП. Така што ќе одиграме два квалитетни натпревара и ќе видиме до каде сме, па да можеме да поправаме тоа што треба пред ЕП“, вели Талески.

Нема многу промени во националниот тим на овој собир.

„Играчите се горе-долу истите, но со поголемо искуство, можам да кажам дека околу 80 отсто од нив играат на европска сцена. За сите од нив тоа е голем плус. Мислам дека сите имаат сфатено и разбрано што значи да се игра европски, светски ракомет. Така што тоа искуство се надевам ќе се донесе тука во репрезентацијата и ќе ни значи само еден плус за нас“, продолжи Талески.

Тој игра за Бенфика во португалскиот шампионат и вели дека се чувствува одлично таму.

„Јас се чувствувам одлично! Тренирам со еден квалитетен тренер, екипата е навистина добра. Можеби резултатите не се така позитивни како што се очекуваше, но од ден во ден сме подобри како екипа. Имаме многу нови играчи, од корен се смени се и се надевам на најдобро во иднина“, заврши Талески.