TРАНСФЕР МАРКЕТ: Монторо останува во Олимпијакос, Мешков донесе две засилувања, Милета оди во Германија…

  • Шпанскиот десен бек Анхел Монторо и во новата сезона ќе го носи дресот на вицепрвакот на јужниот сосед на Македонија, Олимпијакос. Двометрашот играше за Адемар Леон, Барса, Кадетен, Ла Риоха, Висла Плоцк…а следната сезона ќе му биде трета во Олимпијакос.
  • Десното крило Фран Милета заминува од Нексе Нашице, но иако се поврзуваше со трансфер во Татабања, сепак ќе замине во германскиот ТУС Винхрост, кој ќе игра во Втората Бундес лига и каде што тренер е Давор Доминиковиќ.
  • Некогашниот среден бек на Металург, Иракли Кбилашвили, по две сезони во Сучеава, реши да ја смени средината. Грузискиот репрезентативец ќе остане во Романија, но ќе игра во тимот на Потаиса Турда.
  • Белорускиот првак Мешков Брест ги договори првите засилувања за наредната сезона. Станува збор за пикерот Михаил Жила кој доаѓа од ЦСКА Моксва, како и левиот бек Глеб Гарбуз, кој играше за Амичитија Цирих, претходно и за Базел.
  • Поранешниот тренер на Мешков Брест, Дмитри Тихон, по долго време ќе работи во женскиот ракомет. Тој е назначен за тренер на Лада Тољати. 45-годишниот стратег во 2004 година беше дел од Городничанка, а потоа работеше само во машки клубови.