Пред самиот почеток на подготовките за новата сезона, РК Струга донесе уште едно познато име. Искусниот пивот Костадин Петров си пружи рака со спортскиот директор Милчo Чакарески, и искусниот играч треба да донесе цврстина, искуство и квалитет повеќе во тимот што ќе се обиде да биде конкурентен во Супер лигата.
РК Струга продолжува да го засилува тимот за новата сезона во Супер лигата. По враќањето на Марио Танкоски и ангажманот на Мице Шилегов, тимот од градот на Црн Дрим донесе уште едно познато име – Костадин Петров.
Искусниот кружен напаѓач доаѓа како ново засилување пред самиот почеток на подготовките и треба да биде важен дел од ростерот со кој Струга ќе се обиде да биде конкурентна во најсилната домашна конкуренција.
Петров е ракометар со големо домашно и меѓународно искуство. Велешанец по раѓање, во кариерата има и настапи во европските натпреварувања за Металург, Вардар и тимот од Автокоманда, и со себе носи искуство од Лигата на шампионите, Европската лига и Европскиот куп.
Во кариерата настапуваше и надвор од Македонија. Еден од интернационалните предизвици му беше Исланд, каде го носеше дресот на Тор Акурејри, клуб што тогаш беше предводен од македонскиот стратег Стевче Алушовски.
Петров носи физичка сила на линија, искуство во дуел игра, знаење во одбрана и навика да игра важни натпревари. За тим што се склопува во забрзан ритам, ваков пивот може да биде многу корисен, особено во периодот на адаптација на новата суперлигашка сезона.
Со него, Струга добива уште една стабилна опција во ростерот. Ако Танкоски треба да биде главниот организатор и најголемиот капиталец во преодниот рок, а Шилегов носи квалитет и брзина на крилната позиција, тогаш Петров треба да донесе цврстина и искуство на шест метри.
Ова е уште еден знак дека клубот не сака враќањето во елитата да го дочека неподготвен. Струга брзо реагира на пазарот, носи играчи што ја познаваат лигата и се обидува да создаде состав што ќе може да одговори на предизвикот.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























