РК Струга ја доби шансата повторно да игра во Супер лигата, а клубот брзо реагира и се обидува да направи конкурентен тим. Најголемото и најзвучно засилување во овој преоден рок досега е Марио Танкоски, стружанецот кој по години настапи за други клубови се враќа во матичната средина.
РК Струга подготвува сериозен кам-бек на суперлигашката сцена, а во овој преоден рок го донесе својот капиталец – Марио Танкоски. Средниот бек, кој во изминатите години играше за неколку големи македонски клубови, се враќа во својот матичен клуб, таму каде што ги направи првите ракометни чекори.
Враќањето на Танкоски е успех и на спортскиот директор Милчо Чакарески кој исто така прави камбек во Струга, каде беше своевремено и играч. Потоа беше и директор на машката сениорска репрезентација на Македонија. Сега како дел од новата управа работи на консолидација на клубот и создавање услови за нови успеси.
За Струга ова не е обичен трансфер, туку капитално засилување и силна порака пред новата сезона. Танкоски доаѓа како ракометар со име, искуство, репрезентативен квалитет и голем број силни натпревари зад себе. Тој треба да биде лидер на теренот, организатор на играта и играч што ќе донесе идеја и квалитет во нападот.
Танкоски е роден на 28 август 1998 година во Струга, висок е 183 сантиметри и настапува на позицијата среден бек. Неговиот ракометен пат почна токму покрај езерото, а потоа кариерата го однесе во средини во кои се играше за трофеи, европски натпревари и високи амбиции.
Неговото име е поврзано со квалитетната генерација што излезе од системот на Металург. Токму таму Танкоски се развиваше како млад ракометар и доби можност да игра на високо ниво, во период кога Металург беше еден од клубовите што силно работеше со млади македонски играчи.
Потоа следуваа настапи за Еурофарм Пелистер, каде беше дел од битолскиот проект во период кога клубот се бореше за врвот во Македонија и играше важни европски натпревари. Подоцна беше дел и од РК Вардар, клуб со голема традиција и секогаш високи очекувања. Доаѓа со двојна круна освоена со Вардар.
Токму тоа искуство сега треба да биде голем плус за Струга. Танкоски знае што значи притисок, важен натпревар, борба за резултат и улога во екипа што има амбиции. За тим што се враќа во елитата и мора брзо да се постави на здрави основи, ваков играч може да биде од голема важност.

Неговото враќање има и спортска и емотивна тежина. По години минати во други средини, Танкоски повторно ќе игра пред публика што добро го познава, во градот од кој потекнува и во клубот каде што ја почна својата ракометна приказна.
Струга веќе работи на новиот ростер. Меѓу новите имиња е и Мице Шилегов, уште еден ракометар со суперлигашко искуство, а со Танкоски клубот добива најзвучно засилување во овој преоден рок. Тоа е јасен знак дека стружани не сакаат да влезат во сезоната неподготвени, туку да направат тим што ќе може да одговори на предизвиците во елитата. На тренерската позиција е ангажиран Боќидар Мојсов, а се работи и на носење на други засилувања.
Пред клубот е тежок, но важен период. Треба брзо да се склопи ростер, да се постави играта, да се создаде хемија во соблекувалната и да се фати ритам пред стартот на сезоната. Но потези како ангажманот на Танкоски покажуваат дека во Струга има желба проектот да биде сериозен.

РК Струга има посебно место во македонскиот ракомет. Градот со децении е препознатлив по традицијата, по ракометниот турнир покрај езерото и по љубовта кон овој спорт. Сега клубот добива нова можност во Супер лигата, а враќањето на свој играч како Танкоски може да биде една од најсилните пораки пред новата сезона.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























