СТРУГА 2026: Вардар се враќа, Охрид го брани тронот – познати сите учесници на турнирот

РК Струга го комплетираше списокот за 54. издание на традиционалниот турнир - покрај домаќинот ќе играат уште четири македонски екипи и Дубочица 54 од Лесковац. Со тоа турнирот повторно ќе има меѓународен карактер.

Организаторот РК Струга ги потврди екипите што ќе настапат на 54. издание на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир „Струга 2026“. Покрај домаќинот Струга, крај Охридското Езеро ќе играат Вардар, Охрид, Бутел Скопје, Прилеп и српскиот претставник Дубочица 54 од Лесковац. Турнирот треба да се игра во периодот од 12 до 15 август во Струга.

Најзвучното име меѓу учесниците е Вардар, кој повторно ќе биде дел од традиционалниот турнир, откако не настапи на минатогодишното издание. Актуелниот освојувач на двојната круна во Македонија ќе може да брка нов рекорд бидејќи се вбројува меѓу најсериозните кандидати за победник.

Охрид на турнирот ќе пристигне како бранител на трофејот. „Гладијаторите“ минатото лето го освоија 53. издание, откако во финалето го совладаа Бутел Скопје со 30-24. Тие се актуелни победници на Купот на ЕХФ и само една од двете екипи од Македонија што лани успеаја да го победат Вардар на меч од домашното првенство.

Бутел повторно ќе биде меѓу кандидатите за висок пласман, додека Прилеп и домаќинот Струга преку дуелите со квалитетни ривали ќе ја темпираат формата за стартот на новата натпреварувачка сезона.

Единствен гостин од странство ќе биде Дубочица 54. Клубот од Лесковац ќе донесе меѓународен шмек на изданието, кое годинава ќе има изразен македонски карактер со пет домашни екипи.

Струшкиот турнир има традиција што започна во 1973 година и важи за една од најпрепознатливите спортски манифестации во Македонија. Вардар беше победник на премиерното издание, а низ годините во Струга гостуваа голем број реномирани екипи и познати ракометни имиња.

Организаторот дополнително се очекува да ги објави термините, составот на групите и комплетниот распоред на натпреварите на 54. издание.