СТРУГА 2024: Јанкуловски – голема е честа да се игра на турнирот, целта ни е што подобро да се воиграме

Откако пред две години го прослави „златниот јубилеј“, познатиот ракометен турнир во Струга ја продолжува традицијата на најстарата спортска манифестација во Македонија. Годинава од 14 до 17 август по 52. пат отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ во Струга повторно ќе биде местото каде ќе се темпира формата за новата сезона, но и ќе се борат екипите за престижниот трофеј.

Домаќинот Струга и ова лето ќе биде дел од традиционалниот турнир што ќе се игра од 14 до 17 август на отвореното игралиште покрај „Женската плажа“.

Иако со изменет состав, стружани ќе се обидат да им парираат на фаворитите и што подобро да се подготват за претстојните предизвици во суперлигашкото друштво.

Капитенот Тодор Јанкуловски повторно ќе ги предводи стружани, а искусното десно крило ќе игра шести пат по ред на овој турнир.

„Како и секоја година, така и оваа очекувањата од турнирот се што подобро воигрување на екипата и вклопување на новите играчи. На овие натпревари Струга ќе настапи во комплетен состав. Струшкиот турнир е најстар турнир кај нас во државава, еден од најстарите во Европа и голема е честа да се игра на него. Секоја година има голем интерес од екипите за играње на истиот. Заедно со мојот тим шести пат по ред ќе бидам дел од турнирот“, вели Јанкуловски.

Струга ќе игра против Еурофарм Пелистер, како и против грчкиот ПАОК Солун за кој настапуваат голманот Виктор Гигов и левиот бек Дарко Георгиевски.

„Ривалите во нашата група се квалитетни екипи. Еурофарм Пелистер е актуелен шампион на Македонија и учесник во Лигата на шампионите, а ПАОК е екипа која минатата година заврши на третата позиција во Грција и освојувач на грчкиот куп, тука играат и двајца македонски интернационалци. Според мене главни фаворити за освојување на титулата се Вардар и Еурофарм Пелистер. Очекувам овие две екипи да се пласираат во финалето на турнирот“, продолжи Јанкуловски.

Капитенот ги потенцира и целите на Струга во новата сезона.

„Целите на нашиот клуб оваа сезона се опстанок во Супер Лигата и доколку може да се биде и позиција погоре“, заврши Јанкуловски.

СТРУГА

заминаа: Јовица Младеновски (крај на кариера), Александар Тренчевски (Прилеп), Дејан Рикановиќ (Криваја), Мерис Бошњак (Уеска)

дојдоа: Никола Летиќ (Борац Бања Лука)

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ:

14/8, 18:30, Струга – Еурофарм Пелистер
15/8, 18:30, Струга – ПАОК Солун

Дознајте ги сите новости поврзани со 52. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24Ракомет.

,
Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…