Тимот на Тиквеш го забележа вториот пораз на Струшкиот турнир, откако загуби од шведскиот Гуиф со 32-30. Кавадарчани одат сега во натпревар за петтото место на турнирот против Струга, додека Гуиф ќе се соочи во „еден на еден“ дуел со Вардар за првото место во групата и пласман во финалето. Иако кавадарчани водеа со три гола, 23-20, имаа голем пад во играта во финишот, а тоа шведскиот тим знаеше како да го казни и да запише пресврт победа.
На стартот на првото полувреме кавадарчани ја имаа контролата, водеа во два наврати со 6-4, па 7-5, но избраниците на Зоран Рогановиќ набрзина се вратија во егал, а потоа и тие го преземаа водството.
Голманот на кавадарчани, Велков имаше две интервенции во серија, па Тиквеш успеа да израмни на 15-15, а го имаше и последниот напад за да оди на пауза со предност, но не беше реализиран.
Вториот дел започна во ист ритам како што заврши првиот – со играта гол за гол. Се вжешти играта и во одбрана на двете страни, па Хениш и Манасков заработија исклучувања.
Нилсен, екс играчот на ПСЖ и Алборг, стартуваше остро над Симиќ, па и тој мораше надвор од теренот. Српскиот плејмејкер заработи повреда на рамото и не влегуваше во игра до крајот на натпреварот. По седум минути игра во второто полувреме, Тиквеш имаше шанса да поведе и тоа го направи со убавиот гол на Шулески, 19-18.
Анастасовски покажа дека лесно трча и контри, постигна уште два гола во серија пикерот на кавадарчани и Тиквеш имаше водство од 22-20. Швеѓаните згрешија уште еднаш, добија казна и кон средината на вториот дел, избраниците на Драган Марковиќ за првпат беа во позитива од три гола.
Шведскиот голман Вестерлунд имаше двојна одбрана и Гуиф се врати во мечот, 24-24. Беше и 25-25, а значаен гол со двајца играчи помалку за Тиквеш постигна Анастасовски. Потоа и Арсиќ погоди од гол на гол, но и Швеѓаните беа прецизни, па во последните десетина минути се влезе со реми, 27-27.
Вестерлунд влезе во серија одбрани, промаши Кофилоски, згреши и Манасков и Гуиф отиде на плус три, 30-27 кога имаше да се игра уште пет минути до крајот. Искусно, мирно и рутински, шведскиот состав го сочува водството до крајот и ќе оди во дуел „еден на еден“ со Вардар за првото место во групата и пласман во финалето. Во составот на Тиквеш се истакна Анастасовски со седум и Кофилоски со пет гола, додека по седум погоодици во редовите на Гуиф дадоа Густафсон и Остерхал.