Стојчевски и донесе опстанок на Торсланда

Поранешниот македонски репрезентативец Никола Стојчевски успешно ја заврши првата сезона како тренер на шведскиот тим Торсланда.

Тој и неговиот тим обезбедија опстанок во Втората лига на Шведска, иако битката беше жестока до самиот крај бидејќи разликата од осмото до 14 место на табелата е само два бода и решаваа голови за позициите на екипите.

Торсланда на крајот на регуларниот дел собра 21 бод за деветтото место, со три победи на последните пет меча и мирно ќе ја очекува следната сезона.

Стојчевски за овој клуб играше во сезоната 2020/21 откако кратко се врати на терените. Тој ја прекина играчката кариера во 2018 година, беше тренер на млади категории во Гетеборг, но потоа се врати и играше за клубот каде што сега е во стручниот штаб.

Претходно играше за Редбергслидс и Дрот, а потекнува од Ресен. Во Македонија ги носеше дресовите на Вардар и Металург, а беше дел од хрватскиот Осијек, романските Клуж и Пандурии, тунискиот Клуб Африкан, како и германскиот Ферндорф.