Стојаноски: Дојдовме по победа во Охрид и ја остваривме – цела екипа е заслужна за тоа!

Тимот на Бутел Скопје ја оствари првата победа во суперлигашкиот плеј-оф, откако со херојски камбек од минус шест, успеа да слави кај Охрид со 31-29.

Еден од творците на успехот беше голманот Александар Стојаноски, кој бранеше одлично во текот на целиот меч, а во финишот запре и зицери со кои комплетно ги откажа домаќините.

„Дојдовме подготвени овде да победиме. Работевме цела недела за овој меч и верувавме дека можевме да славиме на теренот на Охрид. Нашата првична цел со пласманот во плеј-офот беше остварена, а сега сакаме што повисок пласман. Ни остануваат уште четири меча до крајот на плеј-офот и на сите ќе одиме по победа“, изјави Стојаноски.

Искусниот чувар на мрежата заслугата за триумфот ја препишува на целата екипа и на тренерот Горан Кузманоски.

„Во последните петнаесетина минути се виде дека Охрид падна на физички план. Ние имаме млада екипа, со дечки што се желни за докажување и сметам дека тоа беше клучно за пресвртот. Јас добро ги анализирав шутерите на противничката екипа и дадов свој придонес. Можеби играчите се најзаслужни, но морам да го пофалам и тренерот Кузманоски, кој не подготви одлично и има голем придонес во настапите на оваа екипа“, заврши Стојаноски.

Следен предизвик за Бутел Скопје ќе биде натпреварот со Вардар по репрезентативната пауза.

Сефте во плеј-офот: Храбриот Бутел го шокира Охрид!