Стефаноска: Македонија има квалитетни играчи, но лигата е слаба и сите имат амбиции да заминат

Една од најперспективните ракометарки на Македонија, Сара Стефаноска, во вториот дел од тековната сезона направи голем чекор во својата кариера, откако од редовите на Вардар се пресели во соседна Србија.

Младата ракометарка на 19 години одлучи дека треба да направи промена и да се надоградува надвор од границите на својата татковина. Екс ракометарката на Вардар во Јагодина го стекнува првото интернационално искуство, кое на македонската репрезентација треба да и донесе позитивен плус.

Кичевчанката во разговор за 24Ракомет зборуваше за нејзиниот прв меѓународен предизвик, условите во Јагодина, како и прилагодувањето во новата средина.

,,Уште од кога започнав со ракомет, моите амбиции биле на многу високо ниво, поради тоа решив да го направам овој чекор, што сум сигурна дека е правилен, времето ќе покаже за тоа. За мене како млад играч најважно ми е да напредувам, а за напредок треба и мора да се случи некаква промена. Србија е многу блиску на мапа, соседи сме, но многу далеку со ракометот, односно со пристапот кон овој спорт. Тука максимално и со голема посветеност се работи со младите играчи. Секоја промена и секој почеток е тежок, сепак, можам да кажам дека за ова кратко време целосно се прилагодив, тимот одлично ме прифати и многу добро се согласуваме. Работиме напорно и се надевам на многу заеднички успеси во иднина”, изјави Стефаноска.

Левиот бек смета дека српскиот шампионат е далеку поквалитетен од македонскиот, во кој години наназад само три до четири екипи се главни фаворити за титулата.

,,Како што веќе кажав, тука се работи строго професионално и посветено . Не можам да кажам за другите клубови, но тука условите се одлични. Лигата во Србија е на солидно ниво, речиси сите натпревари се дерби утакмици, самиот тој факт го покажува квалитетот на српскиот шампионат. Во Македонија имаме многу квалитетни играчи, но за жал нашата лига е на незадоволително ниво, колку и да се работи е залудно, затоа сите кои имаат амбиции излегуваат надвор, порано или подоцна”.

Новата интернационалка во минатата сезона освои три награди на младинскиот Ф4, во кој нејзиниот поранешен клуб ја освои титулата во младинската лига. Стефаноска го доби признанието за најдобар лев бек, играч и стрелец на Ф4 турнирот, но беше и во конкуренција за најдобар лев бек во единственото женско сениорско натпреварување во Македонија.

 ,,Се разбира дека тие награди и признанија се многу голема мотивација за мене, да продолжам напорно да работам и да напредувам во кариерата. Убаво е чувството кога трудот се наградува. Но, и без тие награди, мојата желба е многу голема, да го остварам тоа што го сонувам од мала возраст”.

Перспективната ракометарка во Вардaр ги помина сите младински категории, а разделбата со „црвено-црните“ ја доживува тешко.

,,Искрено многу тешко ми падна разделбата со Вардар, со оглед на тоа што навистина тоа беше мојот дом, сите заедно пораснавме и созреавме, но неизбежно ѐ и кога тогаш ќе се случеше тоа, само прашање беше кога…Во сеќавање од Вардар ќе ми остане дефинитивно сѐ, тоа се незаборавни моменти, секој тренинг, секој добиен натпревар, со таква екипа поинаку и не може да биде”.

Стефаноска во тимот на Вардар работеше под палката на познати имиња од типот на Драгана Ристова, Анжела Платон, Александар Царчев…

,,Навистина ми беше чест да работам со тренери како што се Анжела Платон, Александар Царчев, Марија Папуџиева, Драгана Ристова, и се разбира и главните Индира Кастратовиќ и Гордана Нацева. Сите тие помогнаа да бидам тоа што сум денес, ми дадоа секакви совети и ме научија не само за ракометот, туку и за многу работи во животот. Но, морам да го издвојам мојот прв и последен тренер Анжела Платон, без нејзе, нејзините совети и посветена работа, немаше да стигнам до тука. Благодарна сум за сите години поминати во Вардар и се надевам дека еден ден повторно ќе го облечам дресот на Вардар и ќе го вратиме во неговите најдобри години”, заврши Стефаноска.