СРЕЌНА НОВА РАКОМЕТНА 2024 ГОДИНА!

Како и многу години наназад, така и 2023 година, стандардно ни започна со настапот на машката сениорска репрезентација на големо натпреварување. Македонија беше дел од СП 2023 во Полска и Шведска.

Најпрво во Краков, а потоа и во Плоцк на Президент Купот, машката репрезентација го запиша најслабиот пласман на Мундијалите досега. Во групната фаза беа забележани три порази од Норвешка, Холандија и Аргентина, па Македонија мораше да се пресели во друштво на репрезентации од „втор ешалон“. Во Плоцк одигравме четири средби – избраниците на Кире Лазаров загубија од Тунис, а ги победија Алжир, Мароко и Јужна Кореја за пласман на 27 место на СП.

Успешно завршени беа квалификациите за ЕП 2024 во март и мај. Иако Македонија на два пати загуби од Португалија, потоа славеше против Луксембург и Турција, па обезбеди место на континенталниот собир во Германија. Таму за ривали ќе ги имаме Германија, Франција и Швајцарија.

Женската сениорска репрезентација по неуспешниот настап на ЕП 2022, играше на двата пати со Украина во баражот за СП 2023 и беше елиминирана, а како последица на тоа беше сменет селекторот Љубомир Савевски. На негово место дојде Кристијан Грчевски, кој работи заедно со Едуарда Аморим и Ања Алтхаус, па со нова енергија во тимот, Македонија со двете победи над Азербејџан и Литванија, со една нога веќе е на ЕП 2024 во Австрија, Унгарија и Швајцарија.

Во младинските категории, три македонски селекции играа на ЕП и СП. Најголем успех постигна машката кадетска репрезентација, која го освои деветтото место на кадетскиот Мундијал во Хрватска. Избраниците на Раде Стојановиќ загубија само од Данска и Норвешка, а ги победија Црна Гора, Грузија, Австрија, Унгарија и Чешка, а деветто место има уште поголема тежина ако се знае дека е остварено преку натпревари само со европски селекции.

Кадетките играа на ЕП во Црна Гора и завршија на последното место. Избраничките на Кристијан Грчевски загубија од Унгарија, Франција и Романија, потоа во втората фаза од Норвешка и Португалија, а за крај следуваа порази од Исланд и Швајцарија што беше доволно за 16 позиција.

Младинките беа дел од ЕП во Романија и завршија на претпоследното место. Предводени од Јулијана Дамчевска во првата фаза беа поразени од Чешка, Данска и Црна Гора, потоа во втората фаза од загубија и од Норвешка и Србија, а во разигрувањето од Исланд, додека единствената победа над Хрватска во последниот меч беше доволна за 15 место.

Еурофарм Пелистер по триумфот над Вардар во Битола, по 18 години ја врати титулата во првенството и обезбеди место во новата сезона Лигата на шампионите. Силните Кил, ПСЖ, Алборг, Келце…се испречија пред битолчани, кои иако на многу натпревари беа блиску барем до бод, не успеаја да го освојат.

Вардар минатата сезона не беше дел од европските купови поради суспензијата, но раните од првенството, ги залечија со освојувањето на трофејот во Купот на Македонија, откако славеа над Еурофарм Пелистер во Охрид. Во првенството имаа сезона за заборав и завршија на третото место, а тоа им донесе квалификации за Лигата на Европа, каде со два порази беа елиминирани од силниот Рајн Некар Левен. На домашна сцена покрај трофејот во Купот, го освоија и оној во Супер Купот одигран во Струмица, исто така на дуел против Еурофарм Пелистер.

Во СЕХА лигата двата македонски претставници Вардар и Еурофарм Пелистер во дивизијата „Југ“ стигнаа до четвртфиналето, односно полуфиналето, но поради актуелната ситуација со спонзорот на лигата, рускиот Газпром, натпреварите од завршните фази не беа одиграни.

Од машките екипи, македонскиот вицепрвак беше дел од Лигата на Европа и го заврши европскиот пат во првата фаза со една победа и едно реми со шпанскиот тим Ла Риоха. Македонски претставник во Европа беше и кавадаречки Тиквеш, кој имаше убава шанса против австрискиот Кремс по триумфот на домашен терен, но сепак загуби со повисока разлика на гости и беше елиминиран.

На домашните терени, нови суперлигаши станаа вториот тим на „сино-белите“ од Автокоманда и Аеродром, додека Вардар Неготино го доби бараж мечот со Драчево и остана во елитната конкуренција.

Во Женската лига, во интересен плеј-оф, Ѓорче Петров успеа да ја одбрани титулата. На завршниот турнир во Купот на Македонија, Вардар направи изненадување и го победи Ѓорче Петров, но во финалето немаше сили и загуби од Куманово кој по неколку години пауза славеше трофеј во Купот.

На европска сцена во новата сезона се пробаа Ѓорче Петров, Чаир и Куманово во Европскиот Куп, додека Вардар не се пријави. Чаир и Куманово беа елиминирани со по два порази од холандскиот Венло, односно швајцарскиот Херцогенбуше, додека Ѓорче Петров со по две победи над црногорскиот Тиват и белгискиот Ојпен, обезбеди место во осминафиналето каде ќе игра против чешкиот тим Хазена Кинжварт.

Во актуелната сезона од Супер лигата, веќе се познати патниците во плеј-оф и оние што ќе се борат за титула, како и во плеј-аут, односно оние што ќе играат за опстанок во елитната конкуренција. Така е и во Првата лига, каде осум екипи ќе разигруваат за место во Супер лигата.

Во Женската лига се одигра есенскиот дел од сезоната без поголеми изненадувања. Ѓорче Петров без пораз, односно 13 од 13 е на првото место, додека Чаир, Металург Автокоманда, Куманово и Вардар се зад актуелниот шампион и напролет ќе биде интересена трката за титулата.

Во младинските категории се одиграа завршни турнири во сите категории. Кај пионерите најдобар беше тимот на Аеродром, а кај пионерките титулата ја освои Пелистер. Во кадетска конкуренција, кадетите на Мулти Есенс ја освои титулата, а кадетките на Стружанка беа шампионки. Голден Арт и Вардар ги освоија двете титули кај младинците, односно кај младинките.

ШТО НЕ ЧЕКА ВО 2024 ГОДИНА?

Во 2024 година, веќе во јануари не очекува настапот на сениорите на ЕП во Германија, како и квалификациите за СП 2025, а Македонија таму е директно пласирана во вториот бараж и ќе има само една пречка до настап на нов Мундијал. Сениорките ги чека продолжението за квалификациите за ЕП 2024 година, на кое практично веќе е обезбеден пласманот. Од младинските селекции, кадетите ќе играат квалификации во јануари за место на ЕП, а доколку не успеат да се пласираат ќе бидат дел од ЕХФ шампионат. Младинците ќе бидат дел од ЕП во Словенија, а младинките ќе играат на СП што ќе се игра во Македонија. Кадетките имаат шанси преку вајлд-карта да обезбедат место на СП во Кина на крајот на август.

На клупска сцена, Еурофарм Пелистер го очекува продолжението од Лигата на шампионите, а неизвесно е дали оваа сезона ќе има натпревари од СЕХА лигата. Ѓорче Петров во јануари ќе бие битка за ТОП 8 во Европскиот Куп. На македонските терени ќе се бијат битки за титули од февруари во првенството и во Купот на Македонија. Тука се стандардните натпревари во Супер, Женската и Првата лига, како и натпреварите во младинските категории, па нема да ни фалат ракометни возбудувања и во 2024 година.

СРЕЌНА НОВА РАКОМЕТНА 2024 ГОДИНА!