Србите ќе менуваат селектор по шест месеци – на жешката клупа седнува Момир Илиќ!

По заминувањето од функцијата на претседателката на РСС, Милена Делиќ, веќе започнаа шпекулации дека ќе има промена и на селекторското место кај мажите.

Според пишувањата на „Журнал“, Борис Ројевиќ, ќе биде заменет од Момир Илиќ, кој и во ерата на Делиќ исто така беше кандидат за селекторската функција.

Некогашниот капитен на Србија го заврши престојот во Веспрем, па сега е подготвен за нови предизвици.

Српските клубови гласно реагираа кон Ројевиќ за форсирањето на одредени ракометари. Забелешката е дека тој се труди преку националниот тим да ангажира некои од играчите во Војводина, каде што е тренер.

Еден од тие ракометари е Милан Јовановиќ, кој бираше меѓу два клуба, а по репрезентативниот повик и камбек ја избра Војводина. Ројевиќ за баражот со Шпанија, не го повика Богдан Радивојевиќ, кој дотогаш беше незаменлив на десното крило, потоа Владимир Цупара, а изоставен беше и капитенот Немања Илиќ, без образложение.

Сите овие работи внесоа немир меѓу клубовите, но и меѓу играчите, па имаше реакции и дека директорот на Војводина, Марко Вујин, кој во исто време беше ангажиран на истата функција во националниот тим, веројатно би бирал дали да работи во интерес на националниот тим или клубот.

Борис Ројевиќ потпиша договор на четири години, но според „Журнал“, тој наскоро ќе биде раскинат и Илиќ ќе ја преземе функцијата со стартот на квалификациите за ЕП 2026, бидејќи Србија не обезбеди место на Мундијалот во 2025 година.