СП 2027 во Македонија ќе мине без Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора…

Денеска завршува Европското првенство за младинци во Романија, а со одигрувањето на дуелите за пласман беше комплетиран и списокот на европските репрезентации што следното лето ќе настапат на Светското првенство во Македонија.

Мундијалот ќе биде последниот голем репрезентативен настап за оваа генерација ракометари. Македонија иако на крајот заврши на 20 место, како домаќин обезбеди директен пласман.

Согласно квалификациските правила на ЕХФ и ИХФ, Европа ќе има 16 претставници на шампионатот. Покрај Македонија, преостанатите 15 места им припаднаа на најдобро пласираните селекции од ЕП.

Европските репрезентации што ќе играат на СП во Македонија се: Шведска, Унгарија, Словенија, Данска, Франција, Германија, Швајцарија, Шпанија, Исланд, Норвешка,  Фарски Острови, Израел, Романија, Австрија и Португалија.

Ова значи дека во Скопје нема да видиме ниту една селекција од екс-ју државите освен Словенија.

Покрај европските селекции, на шампионатот ќе настапат и пет репрезентации од Африка, четири од Азија, три од Јужна Америка, две од Северна Америка и Карибите, како и по една селекција од Океанија и победникот на ИХФ Трофеј.

Следното лето Македонија ќе биде домаќин на уште еден голем светски ракометен спектакл, на кој ќе настапат најголемите млади таленти од светот, а домашната публика ќе има можност одблиску да ги следи идните ѕвезди на европскиот и светскиот ракомет.