СП 2023: Трилер полуфинале – светскиот првак ќе ја брани титулата

Репрезентацијата на Норвешка е првиот финалист на Светското првенство 2023, откако во драматичното полуфинале против Данска славеше по продолженија со 29:28.

Денешното полуфинале беше реприза на ланското финале од Европското првенство, на кое Норвешка триумфираше со 27:25.

Данска одигра фуриозно во првиот дел, во кој репрезентативките на Норвешка постигнаа само девет погодоци. Избраничките на Јеспер Јенсен имаа 5:1 по седум минути игра и лесно го пронаоѓаа патот до мрежата на ривалот. Норвежанките играа непрепознатливо и во финишот од првото полувреме влегоа во уште поголема криза.

Данската репрезентација откако замина на полувреме со 14:9 до 37 минута во второто полувреме никако не можеше да дојде до реализација, па така Мерк и колешките бргу ја стопија предноста и дојдоа до минус два, 14:12. Во 38 минута Данска остана без кружниот напаѓач Катрин Хеиндал, која поради сериозна повреда мораше да го напушти теренот.

По обидот Норвешка целосно да се врати во игра, следуваше одговор на мотивираните ракометарки на Данска, кои со два гола во низа се одлепија на 16:12. Сепак, составот на светскиот првак од 2021 не се откажуваше, бркаше негатива од еден до три гола разлика и во 47 минута успеа да се доближи намалувајќи на 18:17.

Од тој момент само нијанси одлучуваа каков ќе биде исходот од денешното прво полуфинале. Данската репрезентација имаше 22:20 во 50 минута, додека две минути подоцна резултатот беше нерешен, 22:22. Во последната минута Норвешка преку Солберг Исаксен за првпат поведе со 23:22. За Данска останаа триесетина секунди, а Јоргенсен со гол од пенал на својата репрезентација и донесе додатни десет минути игра.

И во продолженијата од по пет минути се играше гол за гол. При нерешени 28:28, репрезентативката на Норвешка, Хени Реистад во последната секунда со гол од девет метри ја чекираше својата репрезентација во финале.

Токму херојот на Норвешка, Хени Реистад, заврши како убедливо најефикасна со дури 15 погодоци. Кај Данска лидер на стрелците со седум погодоци беше Кристина Јоргенсен.

Во второто полуфинале ќе се сретнат репрезентациите на Шведска и Франција, која на Светското првенство во 2021 го освои второто место.