СП 2023: Шведска за десет минути ја збриша Германија и обезбеди полуфинале

По Норвешка и Франција, третиот патник во полуфиналето е репрезентацијата на Шведска, која полесно од очекуваното ја совлада Германија со 27:20 во четвртфиналниот дуел.

Шведска со „убиствена“ одбрана во првите петнаесетина минути покажа дека е поквалитетна репрезентација на теренот, поведе со 7:0 и рутински го одигра остатокот од натпреварот, во кој немаше ниту неизвесност, ниту било каков отпор од страна на германската репрезентација.

Германија првиот гол го постигна дури во 15 минута преку Белк, додаде уште пет во последниот период од првото полувреме, но во својата мрежа прими дури 16 погодоци во првите 30 минути, па во тој момент беше и одлучен победникот.

Избраничките на Томас Акснер немаа поголеми проблеми во вториот дел, на моменти се опуштаа поради високата разлика, но не дозволија Германија да ја преполови негативата.

Ракометарките на Шведска за ривал во полуфиналето ќе ја имаат Франција, додека Норвешка ќе го чека подобриот од дуелот меѓу Данска и Црна Гора.