СП 2023: Победнички старт на Црна Гора и Словенија

Репрезентацијата на Црна Гора, која на Светското првенство, допатува со амбиции да избори место во квалификациите за Олимписките игри, во првото коло од групната фаза рутински одигра против Камерун, триумфираше со 25:11.

Црногорките во првото полувреме постигнаа 13 погодоци, додека Камерун во првиот дел само двапати ја затресе противничката мрежа. Избраничките на Бојана Поповиќ убедливата предност ја одржуваа и во вториот дел, во кој одиграа како на тренинг.

Најефикасна кај Црна Гора беше левото крило Ивона Павичевиќ со пет погодоци од шест обиди. Кај Камерун исто така со пет погодоци се истакна Атеба Енгади.

Словенија запиша важни бодови, откако го совлада Исланд со 30:24 (16:13) во рамки од групата Д. Голем придонес во победата на Словенија имаа и двете екс ракометарки на Вардар, Тамара Мавсар и Барбара Лазовиќ.

Мавсар имаше пет погодоци, Лазовиќ запиша три реализации, а Наташа Љепоја одигра перфектен меч, имаше осум од осум.

Составот на Драган Аџиќ во второто коло ќе се соочи со незгодната Ангола, додека Исланд за втор ривал ја има Франција.

Во групата Ф, Јапонија пружи силен отпор против Германија, во најголемиот дел парираше, на моменти имаше и резултатска предност, но и реми на три секунди пред крајот, но поискусната репрезентација од Европа со голот на Ксенија Смитс во финишот се израдува на победа од 31:30 (18:17).

Алина Гријселс со седум погодоци ја предводеше победничката репрезентација, херојот на мечот Смитс имаше два погодоци од три обиди. Кај Јапонија 10-те гола на Нацуки Аизава не беа доволни за реми на азиската репрезентација.

Холанѓанките немаа мака со Аргентина, дојдоа до убедлива победа oд 15 гола разлика, 41:26 (20:4).

Шутерски расположена во Холандија беше Еставана Полман со седум погодоци, додека кај Аргентина се издвои Мануела Пизо со пет погодоци.

Двете репрезентации се дел од групата Х, па така во следното коло „лалињата“ ќе играат со Конго, додека Аргентина ќе ги одмери силите со Чешка.