СП 2023: Франција лесно се справи со Шведска и ќе игра за титула

Репрезентацијата на Франција е вториот учесник во финалето и ќе се бори за злато на Мундијалот, откако го совлада еден од домаќините Шведска со 37-27. Иако се очекуваше понеизвесен натпревар, сепак Французинките уште во првиот дел го решија победникот.

По петнаесетина минути, Франција предводена од голманката Лора Глосе, успеа да поведе со десет гола, 13-3.

Швеѓанките немаа решение во нападот од бековските позиции, па селекторот Акснер мораше да бара два тајм-аути во првото полувреме. Неговите избранички имаа моменти на блесок, но тоа траеше кратко, па Франција замина на пауза со водство, 19-11.

Јамина Робертс со погодокот за 21-16 во вториот дел внесе искра надеж кај Шведска, но следуваа три брзи грешки и Франција беше одново на плус осум, 24-17. До крајот избраничките на Оливие Крумболц рутински ја одбранија предноста и го потврдија местото во финале.

Најдобар стрелец во победничката репрезентација беше Тамара Хорачек со девет гола, додека кај Шведска прво име беше Натали Хагман со пет погодоци. Во битката за третото место ќе се соочат селекциите на Данска и Шведска, додека ривал на Франција во финалето ќе биде Норвешка.