СП 2023: Црна Гора со фуриозен втор дел до победа над Унгарија, Франција не дозволи сензација

Во дербито од групата Б на Светското првенство меѓу Црна Гора и Унгарија на победа се радуваа избраничките на Бојана Поповиќ. Црна Гора триумфираше со 24:18 (7:10) и го освои првото место во својата група, а тоа значи дека црногорките ќе пренесат максимален број бодови во главната фаза.

Победничката репрезентација беше предводена од Дијана Мугоша и Татјана Брновиќ. Мугоша натпреварот го заврши како најефикасна, имаше осум погодоци, додека Брновиќ постигна седум.

Еден од фаворитите на Мундијалот, репрезентацијата на Франција со победата над Словенија од 31:27 (17:15) го освои првото место во групата Д. Избраничките на Драган Аџиќ пружија голем отпор во текот на целиот натпревар, но поискусната репрезентација со подобрата игра во вториот дел дојде до трета победа и во главната фаза ќе пренесе максимален број бодови.

Светскиот првак од 2019, репрезентацијата на Холандија, стигна до третата победа, откако во последното коло од групната фаза славеше над Чешка со 13 гола разлика, 33:20 (14:8).

Најефикасна кај Холандија беше Бо Ван Ветеринг со седум погодоци, кај поразениот табор се истакна Шарлот Чолевова со шест погодоци.

Холандија со победата над Чешка го осигура првото место во групата Х, репрезентацијата на Чешка заврши како второпласирана, додека Аргентина заврши како третопласирана.

Максимален број бодови во главната фаза ќе пренесе и Германија, која немаше никакви проблеми против Полска и дојде до победа изразена од 16 гола разлика, 33:17 ((19:10).

Репрезентациите на Ангола, Аргентина, Јапонија и Камерун се новите патници во главната фаза на Светското првенство 2023. Сите споменати репрезентации главната фаза ќе ја стартуваат со нула бодови, бидејќи ги загубија воведните натпревари.

За преостанатите две места за пласман во главната фаза ќе се одлучува на утрешниоте дуели меѓу репрезентациите на Кина и Сенегал, односно Србија и Чиле.

СП 2023, резултати:

Ангола – Исланд 26:26
Аргентина – Конго 31:26
Јапонија – Иран 42:10
Камерун – Парагвај 26:23
Црна Гора – Унгарија 24:18
Холандија – Чешка 33:20
Германија – Полска 33:17
Франција – Словенија 31:27