СП 2023: Црна Гора храбро се бореше, но во битките за медали оди Данска

За место во финалето на Светското првенство 2023 ќе се борат трите ко-организатори Данска, Шведска и Норвешка, како и светскиот вицепрвак Франција, откако беа победници во четвртфиналните дуели.

Данска со вечерашната победа над Црна Гора од 26:24 го грабна последниот билет за полуфиналето. Црногорките одиграа солидно во првиот дел, на моменти водеа еден гол разлика, но на пауза заминаа со три негатива, 13:10.

Ракометарките на Бојана Поповиќ имаа кризен период на почетокот на вториот дел и токму лошиот старт ги чинеше пораз во четвртфиналната битка, бидејќи Данска се одлепи на 20:13 и до крајот не дозволи црногорките да се вратат во игра.

Црногорките во финишот само ја искористија опуштеноста на Данска и дојдоа до помала негатива.

Ривал на Данска во полуфиналето ќе биде Норвешка, додека во второто полуфинале ќе се соочат Шведска и Франција.