СП 2023: Австрија во последната секунда ја расплака Кореја, Бразил рутински со Украина

Со натпреварот меѓу Јужна Кореја и Австрија од групата Ц, односно Бразил и Украина од групата Г, започна Светското првенство 2023 во Данска, Шведска и Норвешка.

Австрија и Јужна Кореја одиграа неизвесен дуел, а на победа се радуваше европската селекција, откако триумфираше со 30:29 (16:12).

Победничкиот гол за Австрија го постигна Катарина Панџа од пенал во последната секунда. За Австрија освоените бодови од денешниот дуел се многу важни за што подобар пласман на табелата.

Јужна Кореја во рамки од 2. коло од групната фаза ќе игра против Гренланд, додека Австрија ќе ги одмери силите со Норвешка.

Репрезентацијата на Бразил ја оправда фаворитската улога против Украина, која во бараж дуелот за Мундијалот ја елиминираше Македонија.

Бразил во дуелот со Украина немаше никаков проблем, триумфираше со 35:20, а победата беше обезбедена уште во првиот дел, во кој бразилките доминираа и на пауза заминаа со седум гола разлика, 17:10.

Во текот на утрешниот ден ќе се одиграат осум натпревари, на нив ќе настапат Словенија и Црна Гора.