СП 2023: Ангола беше на прагот до сензација, но Франција ги освои бодовите

На денешните натпревари на Светското првенство 2023, кои беа одиграни во терминот од 20:30 часот, репрезентацијата на Ангола беше на чекор до изненадување, но не успеа да освои барем бод во дуелот со Франција.

Франција потешко од очекуваното ја совлада незгодната Ангола со 30:29 (18:15). Ангола беше во игра за победа, се врати во вториот дел, на трипати го израмнуваше резултатот, но немаше мноу среќа во последните минути.

Победничката репрезентација беше предводена од Тублан и Валентини, двете постигнаа по шест погодоци, додека кај Ангола прво име беше Изабел Гуиало, која исто така постигна шест погодоци.

Репрезентацијата на Чешка во натпревар во групата Х забележа убедлив триумф против Конго од 32:22 (19:11).

Одлична партија во составот на Чешка имаше левиот бек Шарлот Чолевова со 11 реализации. Во селекцијата од Африка се истакна Бетадел Нгомбеле со девет погодоци.

На убедлива победа се радуваше и селекцијата на Унгарија, откако во дуелот со Парагвај триумфираше со 35:12 (15:6).

Унгарија во победата беше предводена од Катрин Клјубер и Надине Шалц. Двете ракометарки имаа по пет реализации, додека кај Парагвај листата на стрелци ја предводеше Ариана Миерес со четири погодоци.

Полска со 20 гола разлика ја совлада репрезентацијата на Иран, 35:15 (18:8). Во таборот на Полска најефикасна беше Магда Балсам со шест погодоци. Кај Иран со пет погодоци се истакна Фатиме Мерик.