Словенците со триумф над Австрија ги започнаа контролите за ЕП

Репрезентацијата на Словенија со победа ги отвори контролните натпревари пред стартот на Европското првенство 2024.

Избраниците на Урош Зорман во првата контролка против Австрија славеа минимално со 34:33 (16:15).

Австријците во последната секунда имаа седмерец и можеа да дојдат до реми, но голманот на Словенија, Миљан Вујовиќ, не дозволи да биде совладан.

Во репрезентацијата на Словенија настапуваат двајцата членови на Еурофам Пелистер, голманот Урбан Лесјак и десниот бек Нејц Цехте.

Словенија во подготвителната фаза пред настапот на континенталниот собир ќе тестира уште со репрезентациите на Црна Гора и Хрватска.

Ракометарите на Словенија за ривали во групната фаза на Европското првенство ги имаат Норвешка, Полска и Фарски Острови.

Словенците на 11 јануари ќе играат против дебитантот Фарски Острови, потоа на 13 јануари ќе ги одмерат силите со Полска додека во последното коло ќе се соочат со Норвешка.

Австрија, исто така е еден од учесниците на Европското првенство, за ривали ги има Шпанија, Хрватска и Романија.