Слишковиќ завршува како играч, но останува во ракометот

Хрватскиот лев бек Иван Слишковиќ ја завршува играчката кариера и се враќа во Нашице. Поранешниот репрезентативец ќе биде дел од Нексе, клубот од кој тргна неговиот европски пат.

Иван Слишковиќ ја завршува играчката кариера и се враќа во Нашице, градот и клубот што имаат посебно место во неговата ракометна приказна. Поранешниот хрватски репрезентативец се враќа во Нексе, но овојпат не како играч, туку како дел од клупската структура како асистент на тренерот Саша Баришиќ Јаман.

Слишковиќ е едно од оние имиња што во еден период изгледаа како сигурен европски врв. Силен лев бек, со шут, висина, карактер и голем потенцијал, изгради кариера во клубови што имаат тежина во европскиот ракомет. Неговиот пат почна токму во Нексе, а потоа го однесе во Целје, Веспрем, Штутгарт, Порто и Олимпијакос.

Имаше период во кариерата со здравствените проблеми со мононуклеоза кои силно влијаеја врз неговата професионална кариера. И покрај тоа, Слишковиќ не исчезна од ракометната сцена. Играше во неколку сериозни средини, а последните сезони беше дел од грчки Олимпијакос.

Нексе во последните години е еден од најстабилните хрватски клубови и редовен европски претставник. Оваа сезона клубот од Нашице стигна до четвртфиналето на Европската лига, што беше четврти пласман меѓу осумте најдобри во ова натпреварување во последните осум години.