Македонскиот вицепрвак забележа нова победа во суперлигашкото друштво, откако како гостин ама во својата сала во Автокоманда, славеше против екипата на Струга со 29-17.
Победникот беше решен уште по првото полувреме кога „сино-белите“ направија предност од седум гола. Стружани водеа само на стартот во неколку наврати со по еден гол, а по 4-3, следуваше серија од три погодоци на вицепрвакот за 6-4.
Оттогаш константно се зголемуваше разликата во корист на тимот од Автокоманда. Беше и 9-7, но тргна нова серија на голови со кои беа казнети грешките на стружани за 14-7, а до паузата двете екипи постигнаа уште по еден погодок.
Во вториот дел немаше никакви возбудувања, шанса за настап добија повеќето ракометари од двете екипи, а вицепрвакот рутински го одработи мечот до крај за конечни 29-17.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Савревски, Џонов и Младеновиќ со по четири погодоци, додека во составот на Струга пет гола даде Бошњак, а по три Маркоски и Младеновски.