Еурофарм Пелистер 2 славенички се враќа од Автокоманда

Еурофарм Пелистер 2 ги освои бодовите на гостувањето кај вториот тим oд Автокоманда, откако во драматичен натпревар славеше со минимални 30-29. Битолчани водеа во најголемиот дел од средбата, но победата ја обезбедија дури во последните минути кога беше заверен триумфот и двата важни бода. Ова се првите бодови за битолчани сезонава, и прв триумф.

Домашните подобро го започна натпреварот и во шестата минута имаше водство од 3-2. Еурофарм Пелистер 2 одговори со серија од 5-0, направи целосен пресврт и поведе со 7-3.

Домашниот тим постепено се враќаше во игра и во 23. минута израмни на 12-12, а набргу резултатот беше и 13-13. Сепак, битолчани подобро го одиграа финишот од првото полувреме. Со три погодоци предност заминаа на пауза (16-13).

На почетокот од вториот дел Кристијан Симоновски погоди за највисоките 17-13, но домаќините не се предадоа. Домаќините направија серија од 4-0 и преку Стефан Ѓорѓиевски во 37. минута израмнија на 17-17.

Следуваше период во кој се играше гол за гол. Пелистер 2 постојано поведуваше, а домаќините одговараа и израмнуваа на 18-18, 19-19, 20-20, 21-21, 22-22, 23-23, 24-24 и 25-25.

Гостите ја задржаа смиреноста и во клучниот период повторно обезбедија два гола предност. Данило Гутиќ погоди за 29-27, а Немања Џигеровски на минута и половина до крајот намали на 29-28.

Божидар Илиески веднаш возврати и на 61 секунда пред крајот му донесе водство од 30-28 на Еурофарм Пелистер 2. Џигеровски потоа не реализираше, а Горазд Дамчевски на 12 секунди до крајот од седмерец намали на 29-30. Време за целосен пресврт немаше, па битолчани се радуваа на минималната победа.

Најефикасен во победничкиот состав беше Кристијан Симоновски со осум погодоци без промашување. Давид Димевски постигна седум, додека Данило Гутиќ и Божидар Илиески завршија со по пет гола.

Кај домашните, Давид Трајковски беше прв стрелец со шест погодоци, а Стефан Ѓорѓиевски и Горазд Дамчевски постигнаа по пет.


▶▶▶
  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.