Симовски: Елче е лидер во Шпанија, тоа мора да се респектира

Ракометарките на Ѓорче Петров овој месец повторно ќе им се вратат на обврските на европска сцена и против шпанскиот Елче ќе се борат за полуфинале во рамки од Европскиот Куп. Избраничките на Симе Симовски пред европскиот двомеч со шпанскиот тим максимални ги користат домашните натпревари за подигање на формата.

Ѓорчепетровки имаат 100% учинок во единственото женско сениорско натпреварување во Македонија и доколку продолжат со ист ритам, тогаш лесно би ја одбраниле шампионската титула. Во недостиг на квалитетни натпревари, македонскиот шампион одвреме-навреме спарингува со домашни и странски клубови.

Тренерот Симе Симовски е задоволен од досега прикажаното на домашна сцена и го радува фактот што секоја од ракометарките максимално ја оправдува дадената доверба.

„Учинокот од 100%, или 15 од 15 е повеќе од задоволувачки како бројка, секоја од девојките го вложува целиот максимум како на тренинг, така и на секој натпревар. Девојките го прифатија методот, односно системот на тренинг, кој во изминатите две-три години вроди со плод и продолжуваме понатаму со зацртаната цел. Се залагаме до крајот на годината да останеме без пораз во домашниот шампионат. ЕХФ неделата за нас како клуб беше во исклучителен незгоден момент, бидејќи десетина дена бевме без седум ракометарки кои настапуваат во националниот дрес, шест од нив за македонската репрезентација и една ракометарка во дресот на Бразил. Ни претстои натпревар со екипата на Металург Автокоманда, станува збор за екипа која има свои квалитети и за овој натпревар ќе биде потребен правилен пристап, мотивација, распределба на сите задачи и 100% извршување на истите. Во домашниот шампионат атакуваме на двојна круна, додека во Европа секое поминато коло е голем успех за нас како клуб”, изјави Симовски.

Македонскиот шампион првиот натпревар од четвртфиналето со Елче ќе го одигра на 10 март во Шпанија, додека реваншот е закажан за 17 март во Скопје, поточно во спортската сала „Автокоманда“.

„Шпанската екипа Елче е ривал во четвртфиналната борба во Европскиот Куп, оваа екипа ја респектираме, бидејќи станува збор за првопласирана екипа во најсилната лига во Шпанија, таму речиси сите натпревари се со висок интензитет. Елче е екипа слична на нашата, имаат мали дополнување на некои позиции, имаат добар ростер, искусни ракометарки, една од нив е прославената Александра До Насименто, сите ја знаеме од времето на Кометал ЃП. Негуваат брз ракомет со брза транзиција, додека во одбрана играат длабоко и претендираат на чести прекини во играта на ривалот. Анализираме и секогаш се подготвуваме да ја оствариме целта, која како екипа ја поставивме”, заврши Симовски.

Токму европскиот двомеч со Елче ќе биде вистинскиот тест за лимотот на Ѓорче Петров на европска сцена.