Ракометарите на Тиквеш по поразот од Охрид и по триумфот над Струга ги очекува дербито на колото во суперлигашкиот плеј-оф.
Во Кавадарци гостува вицепрвакот, кој славеше минимално на првата средба во Автокоманда.
Капитенот на кавадарчани, Страхиња Симиќ вели дека нема многу време ниту за тагување, ниту за радување и мора да се мисли на секој нареден ривал.
„Зад нас е една тешка недела, во која загубивме од Охрид, и можеби атмосферата не е таква како што би била ако победивме, но тоа е спортот, тоа е ракометот. Уште еднаш се докажа дека во плеј-офот секој може да победи секого, дека нема изразит фаворит на ниту еден натпревар. Но победивме против Струга и полека се дигаме затоа што нема време ниту за многу радување, ниту за многу тагување“, вели Симиќ.
Српскиот плејмејкер знае со какви играчи располага гостинот.
„Гостинскиот тим има млада добра екипа, која знае да игра ракомет, многупати тоа го имам кажано. Можеби ниту тие не се во најдобар моментум. Очекуваме рововска борба, кога се игра во Кавадарци тоа е празник за нас и за публиката, и уште еден додадтен мотив и импулс за секој играч што игра за Тиквеш да даде уште повеќе од максимумот, да проба да даде уште поголем придонес. Да пробаме да победиме и да се вратиме на патот кон остварување на целта за оваа сезона“, продолжи Симиќ.
Тој смета дека екипата е подготвена за надигрување.
„Тогаш имавме јасна тактика и во каков ритам сакаме да одиме мечот. Влеговме во наш ритам кој ни донесе плус пет во првиот дел, сепак на крајот имавме и шут за реми, претходно и напад за водство, не ги искористивме, но пак ќе кажам, тоа е спортот. Секако дека сме подготвени и за овој натпревар, имаме план и тактика, се надевам сите замисли ќе ги спроведиме на теренот и на крајот да се радуваме на трите бода. На секој меч влегуваме да победиме, без разлика каде и со кого играме, па така ќе биде и сега. Можеби тоа создава малку притисок, но и тоа е составен дел од спортот и се надевам дека ќе го издржиме“, вели капитенот на кавадарчани.
Тиквеш по киксот со Охрид ќе има потежок пат да стигне до место во Европа.
„Има уште шест кола за играње, бодовите се тука, треба само да ги освоиме. Математика има, постои, но по киксот со Охрид дома ќе одиме по потешкиот пат, но и лани беше така, одевме по потешкиот пат, па ја остваривме целта. Се надевам дека од сабота ќе тргнеме со позитивен резултат и понатаму ќе размислуваме што и како до крајот“, заврши Симиќ.
Натпреварот меѓу Тиквеш и „сино-белите“ од Автокоманда се игра во „Јасмин“ в сабота со почеток од 19:00 часот.