Репрезентацијата на Шведска, која беше ривал на Македонија во групната фаза на ЕП, со победата над Полска од 33:25 се вклучи во борбата за четвртфинале на континенталниот собир
Полска во дуелот со скандинавската селекција се покажа како незгоден ривал, во поголемиот дел од првото полувреме парираше, на моменти имаше и активен резултат, но во вторите 30 минути до израз дојде искуството на составот предводен од Акснер.
Шведска на полувреме имаше минимална предност од 17:15, а во вториот дел одигра во посакуваниот ритам и успеа да дојде до планираните два бода. Избраничките на Томас Акснер во главната фаза влегоја без бодови.
Искусната Натали Хагман повторно беше расположена и натпреварот го заврши со девет погодоци. Голманката на Шведска, Јохана Будсен солидно бранеше, им одбрани 10 удари на противничките, додека во репрезентацијата на Полска единствена светла точка беше Моника Коблинска со шест реализации.
Полска иако загуби, сепак, останува со шанси за четвртфинале, но на следните три натпревари, против Унгарија, Црна Гора и Романија, ќе мора да го даде својот максимум, односно да дојде до позитивен резултат.
Германија, исто како и Шведска, влезе во главната фаза без бодови и денеска без многу проблеми ја оправда улогата на фаворит во натпреварот со еден од домаќините на континенталниот собир – репрезентацијата на Швајцарија.
Ракометарките на Германија со одлични две полувремина успеаја да дојдат до триумф од 36:27 (18:14). Фактички, денешниот дуел за Германија беше само загревање за наредните три против Данска, Норвешка и незгодната Словенија.
Алексија Хауф со шест гола беше предводник во победничката репрезентација, а кај Швајцарија листата на стрелци беше предводена од Табеа Шмид со осум реализации.