Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го очекува ново гостување во Лигата на шампионите, овојпат кај данската Фредериција.
Актуелниот стратег на битолчани, Звонко Шундовски, вели дека Фредериција е анализирана и дека со добар и правилен пристап, македонскиот првак може да позитивен резултат.
„Фредериција е добар тим, со самиот факт дека доаѓа од Данска, која сите знаеме што значи во европскиот ракомет. Екипа која игра типично дански ракомет, брзо и модерно и со доста шутеви од надвор. Имаат микс на квалитетни дански и странски ракометари. Преферираат да играат брзо, преферираат игра „еден на еден“, но мислам дека може да се изненадат. Говорот на телото на нашата екипа е подобар, пофокусирани сме и убеден сум дека оваа екипа ќе ги покаже своите квалитети. Нашите цели остануваат домашните трофеи и бодови во Лигата на шампионите. Со победата против Висла, Фредериција доби самодоверба, но тоа нас не треба да нè интересира. Имаме своја работа и подготвени сме за позитивен резултат. Тоа го веруваат сите во екипа, што е многу добро и со правилен пристап мислам дека имаме шанси. “, изјави Шундовски.
Натпреварот меѓу Фредериција и Еурофарм Пелистер ќе се игра утревечер во Оденсе, со почеток во 18:45 часот.