Целје сака камбек во ЛШ – ќе бара вајлд карта од ЕХФ

Словенечкиот шампион Целје Пивоварна Лашко официјално ќе поднесе пријава за настап во Лигата на шампионите во сезоната 2026/27 и ќе побара вајлд карта од ЕХФ. Управниот одбор на клубот едногласно ја потврдил одлуката, а во следниот период Целје треба да ја достави целата потребна документација до ЕХФ, вклучувајќи стратегија и визија за развојот на клубот. Одлуката на ЕХФ се очекува најдоцна до 26 јуни, кога треба да се одржи и ждрепката за новата сезона.

За клубот ова би било враќање во европската елита во специјална година, бидејќи следната сезона Целје ќе прослави 80 години постоење. Последен пат Словенија имаше претставник во Лигата на шампионите во сезоната 2023/24, токму преку Целје, но по промените во системот на натпреварување клубот остана без место меѓу најдобрите. Сега шансите се поголеми бидејќи ЕХФ повторно ја проширува Лигата на шампионите од 16 на 24 клуба.

Целје зад себе има одлична сезона, во која ја освои двојната круна во Словенија, а беше блиску и до финале во Европскиот куп, но беше елиминиран од Охрид.

Тренерот Клемен Лужар порача дека Лигата на шампионите е најсилното клупско натпреварување во светот и дека секој во ракометот сака да се мери со најдобрите. Тој е свесен дека евентуалниот настап би значел многу повисоко ниво и голем натпреварувачки предизвик, но смета дека Целје со титулата и резултатите ја заслужи шансата.

Дури и ако ЕХФ не ја прифати пријавата за Лигата на шампионите, Целје сигурно ќе игра во исто така силната Лига Европа. Како словенечки шампион веќе има обезбедено место во Лига Европа, каде исто така се очекуваат силни противници и најмалку три европски натпревари во „Златорог“, покрај обврските во домашното првенство.