Што и треба на Македонија за пласман на ЕП 2026?

Машката репрезентација на Македонија славеше на гости кај Естонија со убедливи 36-17 и се наоѓа на добар пат да се пласира на ЕП 2026, што би бил осми континентален собир во низа.

На табелата во групата 1 каде што е Македонија, Словенија е сигурно прва со десет бодови, додека Естонија е сигурно последна пред нивниот меѓусебен дуел. За позицијата број 2 што носи место на ЕП се борат Литванија која има шест бода и Македонија која има четири, а балтичката селекција има победа од првиот меѓусебен дуел со 29-27.

Според пропозициите на ЕХФ, ако два тима се израмнети на табелата, тогаш за повисокото место најпрво решава повисокиот број на бодови во меѓусебните дуели, потоа подобрата гол-разлика во меѓусебните дуели, па вкупната гол-разлика со сите противници од групата и на крајот бројот на постигнати голови на сите натпревари во групата.

Во овој момент Литванија има гол разлика +5 (147-142), додека Македонија има +4 (153-149). Ова значи дека победа со два гола (или повеќе) ја носи нашата репрезентација на второто место и пласман на ЕП 2026.

Со победа од еден гол, реми или пораз, Македонија ќе биде трета и би имала 2, 1 или 0 бодови, но тоа ќе значи дека ќе мора да се пребројуваме со бодови и гол-разлики со другите третопласирани селекции од осумте групи.

Но веројатно никој нема да размислува на овие варијанти и целта е јасна за в недела – победа од најмалку два гола разлика за второ место во групата.

Натпреварот меѓу Македонија и Литванија се игра в недела во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.