Легендарниот голман Арпад Штербик, кој во моментов е тренер на голманите на унгарскиот Веспрем, се потсети на времето минато во Вардар.
Штербик во интервју за „ТП Портал“, најпрво откри како се случил трансферот од Барселона во Вардар.
„Раул кој долго време му беше помошник на Душебаев во Сиудад Реал, беше тренер во Вардар и многу добро знаев за каков стручњак се работи. Раул и Самсоненко ми го објаснија планот, ми кажаа каква екипа сакаат да направат и кои се амбициите на клубот. Десет години поминав во Шпанија и полека размислував за тоа да бидам блиску до дома. Во Вардар поминав четири прекрасни години, а ја освоивме и титулата во Лигата на шампионите во 2017 година“, вели Штербик.
За првата титула во Лигата на шампионите, Вардар ги победи Барселона во полуфиналето и ПСЖ во финалето на завршниот турнир во „Ланксес Арена“ во Келн.
„Не можевме да имаме потешка ждрепка. Најпрво Барселона, а потоа и ПСЖ во големото финале во драматични завршници. Никој не сметаше на нас. На хартија бевме аутсајдери и така сите не доживуваа. Се договоривме дека нема да даваме некои големи најави и изјави, и дека нема да зборуваме дека сме дојдени во Келн по титулата. Сепак во себе знаевме дека во еден натпревар, можеме да го победиме секој ривал“, заврши Штербик.
Тој беше дел од Вардар до 2018 година, кога се пресели во Веспрем, а стоеше на голот на унгарскиот тим во финалето на ЛШ во 2019 година, кога македонскиот тим ја освои втората титула во елитната конкуренција.