Актуелниот тренер на Загреб, Ненад Шоштариќ, нема да продолжи да го води хрватскиот првак поради здравствени проблеми.
Тој ќе ја извршува функцијата координатор на сите категории, нема да патува на гостувања, а прв тренер до крајот на сезоната ќе биде Андрија Николиќ, кој и пред доаѓањето на Шоштариќ беше во истата улога.
Според упатите на лекарите, Шоштариќ не смее да патува со авион поради проблемите со грбот, па повеќе ќе се посвети на работата со младите категории.
„Не ми се препорачуваат патувањата, особено авионски, во кои може да дојде до нови проблеми со грбот. Морам да одам на рехабилитација на бања. Секако дека здравјето ми е на прво место и веднаш го известив раководството на Загреб за новата ситуација. Со нив се договорив дека по завршувањето на рехабилитацијата ќе станам координатор на сите категории и ќе му помогам на Николиќ во работата со првиот тим“, вели Шоштариќ.
Прв предизвик за Загреб во продолжението од сезоната во Лигата на шампионите ќе биде гостувањето во Данска кај Алборг.