Легендарната црногорска репрезентативка Милена Раичевиќ не е повеќе капитен на Будуќност и до крајот на сезоната нема да биде дел од првиот тим на двократниот европски првак.
На основа на одлуката донесена од УО на клубот, Раичевиќ до крај на сезоната ќе тренира со вториот тим на Будуќност, Рудар, која игра во црногорскиот шампионат.
УО на клубот донесе ваква одлука поради тоа што Раичевиќ поднела тужба против клубот за ненаплатени побарувања по основ на договорот што бил склучен со претходната претседателка на клубот, Радмила Петровиќ, во сезоната 2020/21, во која не играше воопшто, бидејќи беше трудна.
„Очекувајќи ја одлуката на судските инстанци, која клубот ќе ја почитува, заземен е став дека е неприфатливо ракометарка што го тужи клубот да ја носи капитенската лента, па затоа е отстранета од првиот тим. Побарувањата кои се предмет на судската постапка ги сметаме за неосновани, бидејќи Раичевиќ во сезоната 2020/21 не можела да ги исполни своите договорни обврски во целост, па затоа не може да бара да исполнување на нашите обврски во целост. По завршувањето на судската постапка која ја покрена, како една од најголемите ѕвезди во историјата на клубот, вратата од клубот на Раичевиќ ќе и биде отворена“, се вели во соопштението на клубот.
Целата своја кариера Раичевиќ ја мина во Будуќност, со исклучок на сезоната 2021/22 кога играше за турскиот Кастамону. Освои две европски титули со црногорскиот шампион во 2012 и 2015 година.