Шишкарев: Спомените од Вардар се уште ми ја грејат душата

Капитенот на ЦСКА Москва и еден од играчите што остави длабока трага во Вардар, Данил Шишкарев, изминатиот викенд се радуваше на нов трофеј со рускиот клуб и стана МВП на завршниот турнир во Купот на Русија.

Десното крило беше најдобар стрелец на финалниот натпревар кој ЦСКА Москва го доби против Пермски Медведи со 34-32, а во интервју за рускиот „Брз Центар“ откри дека македонската репрезентативка Сара Ристовска му ги пренела позитивните вибрации откако таа претходно го освои трофејот во женската екипа на ЦСКА Москва.

„Ние го гледавме во живо натпреварот на ЦСКА против Ростов и секако навивавме за нашите колешки. По натпреварот и честитав на македонската репрезентативка Сара Ристовска, која ми е колешка и по позицијата. Често се допишуваме со неа и побарав да ни „прати“ позитивна енергија пред нашиот завршен турнир. И ете, и ние успеавме. По мечот таа мене исто така ми напиша честитка, се пошегувавме, се посмеавме, беше пријатно“, изјави Шишкарев.

Тој се потсети на времето кога освојуваше трофеи и со Вардар, како и на славјето по европските титули.

„Тоа не се опишува со зборови. Кога во 2017 година ја освоивме титулата во Лигата на шампионите за првпат и слетавме, не пречекаа дури 15.000 навивачи на аеродром! И на целиот пат од аеродром до плоштад каде што беше главната прослава стоеја луѓе со плакати, цвеќиња и не поздравуваа. За мала, но горда држава како Македонија тоа беше голем празник. Чувствата се незаборавни – тие спомени до ден денес ми ја грејат душата, кога прегледувам некои снимки од тие натпревари или кога во телефонот гледам некои фотографии“, изјави Шишкарев.

По заминувањето од Вардар тој мина една сезона во унгарскиот Веспрем, потоа играше и за Чеховски Медведи, пред да се пресели во 2022 година во ЦСКА Москва.