Актуелниот шампион Ѓорче Петров запиша нов триумф и се наоѓа на добар пат кон одбрана на титулата во Женската лига, откако славеше во дуелот против Куманово со убедливи 37-21.
Нерешено беше само на стартот, 1-1, потоа се мина во знакот на домашните ракометарки. Се одлепија најпрво на 5-1, а потоа следуваше една серија од десет гола за 15-2. Гостинките не постигнаа погодок цели 14 минути.
До паузата беше решен победникот, кога Ѓорче Петров поведе со 18-8. Левото крило на шампионот, Анастасија Николовска, доби црвен картон, откако ја погоди гостинската голманка во главата со шут по истекот на времето.
Вториот дел беше само формалност, а двајцата тренери Симе Симовски и Славиша Димитријески, имаа шанса за ротација на сите ракометарки што ги имаа на располагање.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Емилијана Ризоска со осум и Катерина Дамјаноска со пет погодоци, додека кај Куманово се истакнаа Јана Ѓошевска со осум и Сузана Зечевиќ со шест гола. Во следното коло, Ѓорче Петров го игра дербито кај Чаир, додека Куманово на домашен терен ќе го пречека Вардар.