Шампион не дозволи изненадување против Астраион и чекори кон суперлигашки плеј-оф

Тимот на Шампион прослави убедлива победа над струмички Астраион со 37-28, во натпревар од 11 рунда во Првата лига.

Сега Шампион има 18 бода на четвртото место кое води во плеј-оф за Супер лига, шест повеќе од петтопласираниот Текстилец кој има 12, но и натпревар помалку.

Струмичани одржуваа рамнотежа на стартот на мечот, но како одминуваше времето, така Шампион полека ја преземаше контролата на теренот и до паузата стигна до плус четири, 18-14.

Во вториот дел Астраион успеа во неколку наврати да се доближи на минус два, особено кога по три исклучувања црвен картон доби Филип Спирковски.

Сепак немаше сили кај струмичани, а ниту време за некаков камбек, иако во финишот Шампион остана и без Христијан Сибиновски, кој доби црвен картон поради три исклучувања.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Сибиновски со 12 гола, како и Вренцоски и Јорданов со по пет погодоци, а кај Астраион се истакнаа Ефтимов со седум и Ѓорѓиев со пет гола.