Младинската репрезентација на Србија доживеа вистински дебакл на Европското првенство во Романија, откако во последното коло од групната фаза беше поразена од аутсајдерот Турција со 30-29, резултат што значеше елиминација од борбата за најдобрите 12 селекции.
Иако српскиот тим на шампионатот пристигна ослабен, без тројца од своите најдобри ракометари – Ѓорѓе Драшко, Огњен Цениќ и Андрија Станков, сепак малкумина очекуваа ваков епилог.
Србија добро го отвори шампионатот со минимална победа над Фарските Острови (32-31), но потоа убедливо загуби од Швајцарија (35-25). Сепак, се очекуваше сигурен триумф против Турција, која во првите две кола имаше гол-разлика -30, по поразите од Швајцарија (50-32) и Фарските Острови (40-28).
Наместо тоа, Турците приредија големо изненадување и стигнаа до историска победа. Со освоените само два бода, Србија остана без пласман во ТОП 12 фазата, бидејќи Фарските Острови имаа подобар меѓусебен скор во кругот од три репрезентации со ист број бодови.
Херој на Турција беше Кенан Онел со девет погодоци, додека голманот Мохамед Озгун блескаше со дури 14 интервенции.
Србија сега ќе продолжи да игра за пласман од 13. до 24. место, што претставува големо разочарување за генерацијата која во кадетска конкуренција беше меѓу најдобрите европски селекции, а сега им виси и пласманот на СП 2027 во Македонија.

























