Сениорките на собир в понеделник наутро, Ристовска се приклучува директно во Баку

Женската репрезентација на Македонија в понеделник наутро од 08:00 часот ќе го има собирот пред последните две средби од квалификациите за ЕП 2024.

Селекторот Кристијан Грчевски повика 20 ракометарки за овој двомеч, од кои ќе ги одбере оние 16 што ќе настапат во Баку и во Скопје.

Десното крило Сара Ристовска игра натпревар од рускиот шампионат на 31 март против Лада Тољати во Москва и поради близината на Баку, ќе се приклучи на националниот директно во главниот град на Азербејџан.

Македонската експедиција патува за Баку во понеделник навечер преку Истанбул, а ќе пристигна на конечната дестинација во утринските часови во вторник.

Натпреварот меѓу Азербејџан и Македонија се игра во Баку на 3 април од 15:00 часот, додека дуелот со Литванија е на програмата во Скопје на 7 април од 18:00 часот. Со победа во Баку, Македонија ќе го потврди местото на континенталниот собир.