За време на ЕХФ неделата во март, активни ќе бидат сите машки селекции на нашата држава.
Машката сениорска репрезентација на Македонија во март на двапати ќе тестира против селекцијата на Романија
За избраниците на Кире Лазаров „контролките“ против Романија ќе бидат одлична можност за проверка на силите пред бараж двомечот со Фарски Острови.
Пријателските натпревари против Романија ќе се одиграат на 15 и 16 март во романскиот град Браила.
Македонската репрезентација за пласман на Светското првенство 2025 ќе се бори против островската земја, која на континенталниот собир во Германија го имаше дебитанскиот настап на големите натпреварувања.
Освен сениорите, активни ќе бидат младинците и кадетите, кои исто така ќе ја темпираат формата пред Европското првенство во Словенија, односно Црна Гора.
Младинската репрезентација во рамки на подготвителниот период за претстојното Европско младинско првенство во Словенија, за време на ЕХФ неделата ќе биде домаќин на селекција на Хрватска и ќе одигра два натпревари во Скопје на 15 и 16 март.
Кадетите во пресрет за претстојното Европско кадетско првенство, кое ќе се одржи во Црна Гора, за време на ЕХФ неделата ќе гостуваат во Црна Гора и со кадетската селекција на Црна Гора ќе одиграат два контролни натпревари на 14 и 15 март, по што ќе се има јасна слика за квалитетот на секој ракометар.