„Селекторот има комплекси, или пак е тежок егоцентрик“

Актуелниот селекторот на Хрватска, Горан Перковац, кој освоеното 11то место на Европското првенство 2024 го оцени како успешно, предизвика негативни реакции во својата татковина, откако за хрватскиот шампионат зборуваше во негативен контекст.

Перковац во една изјава по завршениот настап на континенталниот собир истакна дека голем проблем за репрезентацијата е тоа што поголемиот број играчи играат во шампионатот на Хрватска.

Поранешниот физиотерапевт на „коцкестите“, Дамир Кајба, беше изреволтиран од изјавеното на Перковац, истакнувајќи дека сите клубови кои се натпреваруваат во најсилното натпреварување во Хрватска се навредени.

,,Шокиран сум. Откако некој на прес-конференција ја навреди целата ракометна лига на Хрватска и играчите кои играат во Лигата на шампионите и даваат се од себе, или има комплекс, или пак е тежок егоцентрик. Во животот, како и во работата што ја работите, мора да бидете подготвени да одговорите за сработеното. Овде не видов ни трошка самокритика, само навредување на оние кои според мое скромно мислење се најмалку виновни за овој дебакл”, напиша Кајба на социјалните мрежи.

Хрватска настапот на ЕП го заврши само со една победа во главната фаза, додека во групната фаза оствари две победи и едно реми.