Машката кадетска репрезентација на Македонија со триумф над Украина со 26-21 го стартуваше разигрувањето за пласман од 17 до 24 место, односно за опстанок на Европското првенство.
Клучната разлика избраниците на Наум Танески ја направија на стартот на вториот дел, кога предводени од голманот Николовски, како и дуото Ристевски и Митев, направија залиха од пет гола, која до крајот не беше загрозена од страна на Украинците.
Првото полувреме беше во секој поглед израмнето, а ниту една од екипите не успеа поведе со повеќе од еден гол разлика. Имаше помалку голмански одбрани, а повеќе грешки и промашени напади на двете страни, па на пауза се замина со реми, 10-10.
На стартот на вториот дел преку Ристевски и Митев, Македонија се одлепи за првпат на плус два, 13-11, но украинскиот голман Шуров беше на висина на задачата. Одбрани два шута по ред, а неговитe колеги реализираа и пак беше реми, 13-13.
Но и нашиот голман Николовски беше одличен, врза неколку одбрани, се разиграа Митев и Ристевски кој даде три гола во серија и Македонија беше на сигурни плус четири, 18-14, во 40 минута од мечот.
Беше и плус пет, 19-14, украинските репрезентативци добија прилика да намалат на минус два, но не успеаја, па казната ги стигна преку Пецаноски, потоа погоди и Димовски за 24-20 и веќе беше јасно кој ќе победи на овој натпревар.
Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Самоил Ристевски со осум гола, а Теодор Пецаноски и Дамјан Митев реализираа по пет пати, додека голманот Ѓорѓи Николовски запиша 13 интервенции. Кај Украина, по шест гола имаа Павловскиј и Оскилко.
За кадетите утре од 14:30 часот следува дуел против јужниот сосед во „Верде“, додека по ден пауза, на 15 август, нашите ракометари ќе се соочат на пладне со Италија, во последниот натпревар од групата Л.