Седум тима од Женската лига на пауза ТРИ И ПОЛ МЕСЕЦИ: Плеј-аутот стартува во март 2025!

Иако беа планирани девет тима во плеј-аутот од Женската лига, сепак таму ќе играат само седум по исклучувањето на Скопје и Гевгелија. Тоа го донесе РФМ во проблеми, бидејќи мораше да се менува распоредот и плановите на сите останати, бидејќи наместо 18 кола, овие екипи ќе играат само 14 кола, односно по 12 меча поради непарниот број клубови.

Според претходно најавениот распоред, екипите на Ѓорче Петров 2, Стружанка, Спартак, Шампион, Деспина, Пелистер и Овче Поле Славјански Универзитет, требаше да почнат со натпревари во исто време со екипите од плеј-офот.

Но поради тоа што ќе играат помалку натпревари, одлучено е плеј-аутот да започне дури на почетокот на март 2025 година, а ќе заврши на 31 мај/1 јуни во исто време со разигрувањето за титулата.

Тоа значи пауза од цели три и пол месеци за седумте екипи, пауза што нема да донесе ништо добро, па веројатно ќе мора да се пополнува со играње пријателски натпревари, бидејќи ниту летната пауза не е толку голема.

РФМ мораше да најде друго решение околу системот на натпреварување, бидејќи уште на стартот се покажа дека не е вистинскиот. Наместо да има огромна пауза што ќе донесе повеќе лошо отколку добро, можеше да се стартува со натпревари во исто време со плеј-оф екипите, а да се исфрли играњето во среда/четврток, односно трите вонредни кола кои се планирани за напролет кога ќе има набиена агенда. Така ќе се одиграше едно или две кола годинава, ќе се стартуваше во февруари во 2025 година и распоредот ќе беше подобар за сите, а паузата меѓу двете полусезони ќе беше околу четириесетина дена.