СЕДМЕРЕЦ: Стапалото на Пранди и Бугарите во Уставот

Франција во продолженија ја симна Шведска од тронот и во продолженија  ја реши Данска за титула, ракометниот свет во продолженија расправа дали Пранди ја кренал ногата, а Македонија дали сме за Славе и за Ѓоле или за Видерер, за  Французите што ни го сместија предлогот за Бугарите или за Швеѓаните, за Кире или за КМГ...

1.Ракомет во две продолженија

Истуркавме уште еден јануари и уште едно европско, врзани како руска и кифлички на македонската трпеза на почетокот од првиот месец во годината. Франција додаде уште една титула во богатата ризница, ништо ново. Само овој пат уште поспектакуларно – со две продолженија во последните два натпревари во „Ланксес Арена“ во Келн за дополнително уживање во завршниот викенд на ЕП 2024. На Французите им требаа дополнителни 2х5 за да ја симнат Шведска од  тронот. И дополнителни 2х5 за да ја решат Данска и да го земат „златото“ како идеално јануарско загревање пред летната Олимпијада во Париз.

Во епското финале, Хансен го помина Карабатиќ на вечната листа на најдобрите стрелци во нивната најверојатно, последна пресметка на европските првенства со што дефинитивно завршува една голема ракометна ера. Никола сепак, од европската сцена се одјави победнички, токму како што му доликува на играчот кој во изминатите две децени стана синоним за овој спорт, спојувајќи ги во идеална комбинација балканските гени и француската доминација.

И не само поради прошталниот настап на Никола Карабатиќ, генерално на ова ЕП во сите 19 дена, од спектакуларното отворање во Дизелдорф до спектакуларното вчерашно финале во Келн, како да се испреплетуваа тивката лебедова песна на старата и брзите звуци на новата ракометна генерација. Од големата сцена полека се одјавуваат Карабатиќ, Шмит, Хансен, Линдберг, Дувњак, Ландин, безмалку целата шпанска фурија… И топката веќе сигурно ја водат Гидсел, Питлик, Кошта, Нилсен, Кузмановиќ, Кнор, Скипаготу што ги прави опасни и Фарските Острови… Пранди со „бомбата“ што на спектакуларен начин ја однесе Франција во големото финале.

2.„За партизаните“ или „за Германците“?

„Бомбата“ на францускиот бек, предизвика прилично силна детонација и отвори епска дискусија во ракометниот свет дали голот е регуларен или не, дали Пранди ја „одлепил“ ногата или не, дали треба ракометен ВАР или не, дали ракометните правила се застарени, зрели за корекција, дали Славе и Ѓоле добро дувнале, дали ЕХФ правилно пресудила, а Видерер видел друга ситуација…

Нормално, ваква „драматична ситуација“ за бескрајна расправија не пропушта ни македонската јавност. Без разлика дали е стручна, полустручна, или онаа што гледа ракомет само во јануари, а можеби ни тогаш, секој сака да си го каже/пише своето на темата.

Само што кај нас темата за голот што ја однесе Франција во финале, веднаш добива и многу поширока димензија. Впрочем, како и секоја друга. И така од ногата на Пранди стигнавме и до Бугарите во Уставот. Пошто, нели и голот и предлогот се француски. Па ако си за голот на Пранди да биде регуларен, тогаш си за Французите и автоматски и за Бугарите во Уставот.

Ама пак, ако ја проверуваш ногата на Пранди и се сомневаш во регуларноста на фамозниот погодок и му веруваш на Видерер, тогаш си против нашите. Се сомневаш во стручноста и исправноста на одлуката на најдобриот македонски ракометен судиски пар, признат и докажан во ракометниот свет, и си влегуваш во друга беља.

Зошто мора во секој став и одлука да се бара лична нишка? Нели затоа постојат правила, стручно толкување, официјална одлука…за да бидат јасни работите за сите, и за оние што следат ракомет 12 месеци во годината и за оние што се стручњаци 20 дена во јануари?

Па да, ама ракометот е спорт во кој важи нешто што се вика „слободна проценка“ што за жал или за среќа, некогаш остава простор и „за вакво“ и „за такво толкување“. И така, ЕХФ ќе донесе одлука според која судиите биле во право, за веднаш потоа првиот човек во европската куќа на ракометот да каже дека „биле во криво“!

И после јавноста нека дебатира за кого е. Дали е за Французите сосе Бугарите или е за Швеѓаните без Орбан и Унгарците? Дали е за Славе и за Ѓоле или е за Михаел?

Дали е „за партизаните“ или „за Германците“?

3.Сите селектори, селекторот уредник

Поделбите и „таборите“ за Македонија не се ништо ново во сите сфери, не се ни ракометот. Не само за голот на Пранди кој директно баш и не нѐ тангира нешто многу, освен можеби на некое ливче или во жарот сѐ да оправаме и да сме ден-два во тренд, туку и за суштински работи кои се однесуваат – за доброто на македонскиот ракомет.

Можеби токму таа некоја затвореност, подобност и неподобност што особено последниве години ја изолира македонската национална репрезентација во „приватно опкружување“, предизвикува контра-реакција во јавноста. А стравот да се признаат грешките и навреме да се санираат, само дополнително ги усложнува работите и го пролонгира процесот.

И некако веќе стана практика кога се анализира настапот и учинокот на македонската репрезентација на некое од првенствата, проблематиката да се распостила и малку пошироко. Па она што треба да биде стручна проценка од едната и отчет од друга страна, на моменти да прерасне во лични пресметки и конфронтации токму зад параванот на „линовата“ изрека – за доброто на македонскиот ракомет.

Конструктивна критика е добредојдена ако од неа човек знае да извлече поука. Не заудно велат „четири очи подобро гледаат“. Шест можеби уште појасно. Но кога сите ќе станат селектори, довчерашните партнери противници, противниците главни бранители, а селекторот на „повратна“ и уредник, е тогаш веќе имаме „грешка во чекори“.

Или што би рекле браќа Срби „оде воз у кукуруз“!

А, треба да се излезе „на права шина“ што побрзо оти веќе во мај, македонската репрезентација ја чека баражот со Фарски Острови за пласман на СП 2025 и за продолжување на континуитетот.

И да не остане покусо, и за Фараните се поделени ставовите – за едни се опасен и непожелен противник, за други добра ждрепка и пречка што не смее да не се помине. Неутрално, тамам се да видиме до каде сме и на каде ќе тераме!