СЕДМЕРЕЦ: Со алал дадено – три пати позлатено

ЖРК Ѓорче Петров откако стана наследник на спортскиот континуитет и постигнувањата на поранешниот европски шампион Кометал Ѓорче Петров, достојно ја продолжува традицијата и ја дополни колекцијата со три шампионски титули во серија

1.Традицијата продолжува

Како во добрите стари времиња, ѓорчепетровки одново се супериорни и неприкосновени во македонскиот женски ракомет. Доминантно и без пораз, со импозантни 25 победи и само едно реми (колку и да е лигата таква каква што е), ЖРК Ѓорче Петров го подигна шампионскиот пехар прославувајќи ја третата титула во три сезони по ред или јубилејната 20.титула во подолгата историја на клубот.

За потсетување, во 2022 година, на прославата на 20-годишнината од освојувањето на европската титула на Кометал Ѓорче Петров, поранешниот спонзор на клубот, Трифун Костовски, ги предаде титулите и спортските достигнувања во наследство на новоформираниот ЖРК Ѓорче Петров.

Со ќеф и со мерак да продолжи приказната на клубот што и ја донесе првата европска ракометна титула на Македонија.

Велат, со алал дадено – три пати позлатено. Така и бидна.

Само десетина дена по преземањето на спортскиот континуитет од Кометал ЃП, новите ѓорчепетровки во 2022 година ја освоија првата шампионска титула и веднаш додадоа уште еден пехар во колекцијата.

Потоа додадоа уште една, а сега и трета шампионска титула по ред. Во три сезони, три пати шампиони, и секоја година чекор понапред. Најуспешната сезона во новата ера на клубот заокружена е со четвртфинале во Европскиот куп и со двојна круна во првенството и во Купот на Македонија.

Можеби е случајност, а можеби и не е. Можеби Симе Симовски и Ане Велков си ја знаат работата, а на клубот му се поклопија коцките во период кога женскиот ракомет беше во стагнација…Или, едноставно „ги фати мајата“ од славниот претходник. Како и да е, ЖРК Ѓорче Петров откако стана наследник на спортскиот континуитет и постигнувањата на поранешниот европски шампион Кометал Ѓорче Петров, достојно ја продолжува традицијата и ја дополнува колекцијата.

2.Подемот на дебитантите

На македонската ракометна сцена, пак почна нова традиција на експресно брз напредок на клубовите дебитанти. Минатата сезона РК Алкалоид во Супер лигата стартуваше како дебитант, а заврши како вицешампион. Сезонава сличен пробив бележи ЖРК Металург Автокоманда во единствената женска лига.

Новиот женски Металург Автокоманда, предводен од Јулијана Дамчевска и Крсто Петрушевски „се роди“ по распадот на стариот ЖРК Металург кој згасна во кризата и лани не ја заврши сезоната. Како нов субјект Металург Автокоманда стартуваше во единствената женска лига које е во исто време и најнизок и највисок ранг на натпреварување. Уште во првата сезона се приклучи во екипите од горниот дел и се профилираше како сериозен проект со шампионски амбиции. Металург Автокоманда беше единствениот противник што сезонава „чепна“ бод од шампионот во мартовското реми (25-25) во Ѓорче Петров и на крај во „фото-финиш“ заврши на третата позиција со ист број бодови со ЖРК Чаир, но со послаб скор во меѓусебните средби со новиот  вицешампион и со обезбеден пласман во европските купови.

3.Пехарот ќе чека во Росоман

За разлика од релативно мирната разврска за титулата во женската лига, новиот ракометен шампион на Македонија во машка конкуренција останува официјално да биде решен дури во последното коло што ќе се одигра претстојниов викенд. Еурофарм Пелистер е поблиску да ја одбрани шампионската титула и сам решава за својата судбина, но теоретски шанса да биде пак шампион има и Вардар во малку покомплицирана ситуација чекајќи евентуален кикс на битолчани во финишот на сезоната.

Засега единствено е дефинитивно сигурно дека РК Алкалоид ја губи вицешампионската позиција, но директно може да влијае на шампионската разврска – дали титулата ќе остане кај Еурофарм Пелистер во Битола или ќе се врати во Скопје кај Вардар.

Тимот од Автокоманда кој  ја освои историската прва титула во Купот на Македонија победувајќи ги и двата ривали што останаа во шампионската трка, во последното коло му гостува на Еурофарм Пелистер. Со евентуална победа во Битола, Алкалоид кој лани му ги расипа сметките на Вардар, годинава може да му донесе шампионска титула. Иако реално, тоа е помалку веројатно сценарио од тоа дека Еурофарм Пелистер ќе оди на сигурна победа и нема да дозволи на крај да ја прокоцка шансата за одбрана на титулата, кога веќе пропадна двојната круна.

Во меѓувреме, Вардар ја финишира сезоната на гости кај Бутел чекајќи ја разврската во Битола.

Натпреварите од последното коло во суперлигашкиот плеј-оф се најавени за 1 јуни. Ако се водиме според Пропозициите за машката Супер лига кои во Член 12 пропишуваат дека „во интерес на регуларноста на одвивањето на завршниот дел на првенството, Натпреварувачка комисија може да одлучи во последните три кола од првенството одредени натпревари да се играат во ист ден и ист термин“, односно „Натпреварувачка комисија е должна да закаже одигрување во исто време само одделни натпревари кои одлучуваат за пласманот на табелата“, тогаш Вардар во Скопје и Еурофарм Пелистер во Битола би требало последните натпревари да ги играат во ист термин.

Ако нема одложена промоција на шампионот или некои други сознанија, тогаш шампионскиот пехар најпрактично е да чека на пола пат, некаде кај Росоман, па според резултатот да фати правец кон Битола или кон Скопје.