СЕДМЕРЕЦ: Случајот Аеродром

Најуспешната национална федерација исклучува нерегистриран клуб со регистрирани резултати, на пријавен натпревар со делегирани службени лица на средина на сезона во највисок ранг на натпреварување

1.Фактите од другата страна

Навидум изгледа просто, а всушност исклучувањето на РК Аеродром од завршните натпревари односно од плеј-аут фазата во македонската Супер лига отвора низа нејасни прашања и еден куп случајни (од немарност или од незнаење) или намерни (ама лошо наштелувани) пропусти. И, отвора серија нејасни прашања за кои засега се уште нема официјален одговор на официјалната страница на Ракометната федерација на Македонија каде што и треба да биде.

Според појаснувањето што 24ракомет го доби од РФМ преку адвокат полномошник на РФМ како предмет- демант стои дека:

РФМ на 17 јуни 2023 му упатила честитка на РК Аеродром за обезбедениот пласман во Супер лигата, со потсетување дека клубот кој е регистриран како спортски субјект – здружение на граѓани, има обврска да се пререгистрира во акционерско друштво согласно член 6-а од Законот за спорт и има рок да ја достави комплетната документација до 1 август 2023. За да може да биде регистриран и да се натпреварува во Супер лигата.

На 29 август 2023, РК Аеродром во РФМ доставува изјава потпишана од одговорното лице во клубот во која тој изјавува дека транформацијата во акционерско друштво ќе биде завршена најдоцна до 8 септември 2023 и дека РК Аеродром е согласен да биде исклучен од системот на натпревари доколку не се исполни горенаведената обврска.

Обврската за пререгистрација не е исполнета ни до пролонгираниот рок, но клубот не е исклучен, туку на 9 септември без проблем го игра првиот натпревар во А групата (со Алкалоид, Охрид, Тиквеш, Струга, Еурофарм Пелистер 2, Куманово Скопје и Аеродром) од првиот дел на Супер лигата и слави победа против Куманово.

Потоа РК Аеродром (се уште не трансформиран од Здружение на граѓани во АД) без проблем си ги игра натпреварите во Супер лигата (највисок ранг на натпреварување), додека РФМ испраќа замолници за докомплетирање на документацијата.

Комисијата за лиценцирање реагира дури на 12 јануари 2024 година, откако РК Аеродром со некомплетна документација ги одиграл сите 14 натпревари од првиот дел на сезоната во Супер лигата и го известува „Здружението на граѓани РК Аеродром“ дека сè уште нема извршено транформација, односно регистрација на ракометниот клуб како акционерско друштво и ги повикува  „согласно изјавата“ од 29 август 2023 да ја достават документацијата најдоцна до 1 февруари 2024 оти во спротивно ќе имаат забрана за настап.

РК Аеродром не ја доставил бараната документација ни до третиот рок, но на 6 февруари 2024 доставува пријава за натпревар (прво коло од плеј-аут фазата). Натпреварувачката комисија „постапувајќи по поднесената пријава за натпревар во систем на натпревари на РФМ ( од клубот што не е регистриран!) го закажува натпреварот и делегира службени лица, делегат и судии, со конкретни насоки до службените лица делегирани на натпреварот, од овластеното лице на РК Аеродром да побараат да ги достави бараните документи за комплетирана трансформација во АД.

Делегатот пред почетокот на натпреварот се обраќа до овластеното лице на РК Аеродром кој не ги доставил бараните документи и натпреварот РК Аеродром – Еурофарм 2 се регистрира со 0-10 за гостинската екипа и -1 бод.

А, РК Аеродром излегува на терен со транспарент и со изјава на претседателот на клубот (овластеното лице од погоре) – „Нека знае целата македонска јавност дека Аеродром не се откажува од натпреварите. Тоа е по насоките на генералниот секретар на РФМ. Натпреварот од тие причини нема да се одигра“.

2.Што не е јасно?

Прво, не е јасно како може клуб кој не ги исполнил обврските што ги налага Законот за спорт (член 6-а) и како таков не може да биде регистриран во систем на натпреварување од највисок ранг, без проблем да одигра 14 натпревари од регуларниот дел од сезоната во Супер лигата која е највисок ранг на натпреварување?  И резултатите од клубот што не е регистриран да бидат регистрирани?!

Дали писмена изјава од одговорно лице во клуб е порелевантна од Законот за спорт и од Регистрациониот правилник на национална спортска федерација, па исклучувањето да биде со повикување на неисполнето ветување за кое се потпишал?!

Како може РФМ врз основа на писмена изјава да пролонгира исполнување на законска обврска?

Зошто се чекало 6 месеци, односно да се одигра половина сезона, да се пријави натпревар првиот натпревар од плеј-аутот, да се закаже и да се делегираат официјални лица, за се реагира со исклучување на клубот кој половина сезона игра нерегистриран?

Дали документи за регистрација на клуб се приложуваат до Регистрациона комисија пред почеток на сезона или кај делегатот на натпревар на средина на сезона?

Дали се калкулира со 51% одиграни натпревари од регуларниот дел на сезоната за да не се бришат бодови?

Дали е доведена во прашање регуларноста на македонската ракометна Супер лига?

Дали РФМ во „случајот РК Аеродром“ го прекршила Законот и сопствените правила и прописи?

3.Што велат Законот, Статутот и правилниците?

Закон за спорт:

– Спортските клубови кои се натпреваруваат во највисокиот степен на натпревари во сениорска конкуренција, во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка се регистрираат како акционерски друштва согласно со Законот за трговските друштва (Член 6-а)

– Професионален спортски клуб во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка во највисокиот степен на натпреварување е акционерско друштво (Член 9-а).

Статут на РФМ:

– РФМ има својство на правно лице од јавен интерес, со права и обврски и одговорности утврдени со Уставот, Закон и други прописи, овој Статут, како и со Статутот и другите акти на ЕХФ (Член 3).

– РФМ, во статутарно, програмски и со други документи заокружен и насочен систем: …го организира и спроведува системот во сите степени на натпреварување во ракометниот спорт на подрачјето на Република Македонија; …обезбедува доследна примена на правилата и прописите на ракометната игра од страна на ракометните клубови, ОРС, ГРС, ЗРСМ, ЗРКМ, ЗРТМ и нивните органи и тела (Член 11).

– Генералниот секретар: се грижи за законското работење на РФМ и на неговите органи и тела;  ги извршува одлуките и заклучоците донесени од Собранието и Управниот одбор и другите органи и тела на РФМ; предлага мерки за спроведување на одлуките и заклучоците на органите и телата на РФМ; одговорен е за правилната примена на усвоените спогодби и договори;  одговорен е за правилната примена на прописите и општите акти… (Член 65).

Регистрационен правилник на РФМ

– РЕГИСТРАЦИЈА НА ОСНОВНИ ОРГАНИЗАЦИИ (Клубови) – Пријавата со документите за регистрација може да се поднесува најдоцна 7 дена пред денот на одржување на конференција на клубови во одредената категорија.

– Секоја ракометна организација (клуб) е должна да пријави промена во органите на управување. Со пријавата за упис, се поднесува и одлука за извршена промена. Рок за поднесување на пријавата опишана во претходниот став е 30 дена од денот на извршената промена (Член 9).

– Ако надлежниот регистрационен орган (Регистрациона комисија) утврди недостатоци во пријавата (документите), комисијата е должна да му укаже на недостатоците и да му наложи да ги исправи во рок од 30 дена. Ако подносителот на пријавата во дадениот рок не постапи, ќе се смета дека нема поднесено пријава за регистрација (Член 10)

– Промена во организирање на основните ракометни организации, може да се врши во текот на натпреварувачка сезона (додавки на име за спонзорирање). Спојување, припојување или други облици на здружување и организирање може да се врши само по завршување на натпреварувачката сезона (Член 11).

Пропозиции за натпреварување во Супер машка ракометна лига за натпреварувачка сезона 2023/2024

– Учесници во Супер машката ракометна лига во натпреварувачка сезона 2023/2024 се следните ракометни клубови: 1. РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 9. РК ГОЛДЕН АРТ 2. РК АЛКАЛОИД 10. РК СТРУГА 3. РК ВАРДАР 1961 11. РК ПРИЛЕП 4. РК ТИКВЕШ 2014 12. МРК КУМАНОВО 5. РК БУТЕЛ СКОПЈЕ 13. РК СКОПЈЕ 2020 6. ГРК ОХРИД 14. РК ВАРДАР НЕГОТИНО 7. РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 15. РК МУЛТИ ЕСЕНС 8. РК ПРОЛЕТ 62 16. РК АЕРОДРОМ (Член 3)

– Делегатот контролор има право да бара документ за идентификација на одредени ракометари или службени преставници ако постои сомневање за нивниот идентитет (Член 15).

Не пишува дали има право да бара и документ „идентификација на клубот“ од Централен регистар…

Правилник за организација и спроведување натпревари

– За неодигран првенствен натпревар од неоправдани причини екипата го губи натпреварот со службен резултат 10:0 и минус еден (-1) бод од бодовното салдо, ако екипата нема освоено бодови, тогаш бодот ќе се одземе од следни освоени бодови. Неоправданоста ја оценува Kомесарот/Комисијата за натпревари со Дисциплинската комисија на РФМ во прв степен (Член 11)

– Екипа која нема да одигра Куп натпревар во групна фаза или Ф4 ќе биде исклучена од натпреварувањето во тековната сезона а одговорното лице нема право да пријави нов клуб и врши дејност во ракометниот спорт во траење од 3 (три) години, истото ќе се однесува и за сите нејзини младински категории.

Нејзините резултати постигнати во регуларниот дел од натпреварувањето се бришат ако екипата одиграла помалку од 51 % од натпреварите во регуларниот дел; А во случај да има изиграно повеќе од 51% од натпреварите од регуларниот дел тогаш останатите натпревари се регистрираат со службен резултат 10:0 (-1) бод по натпревар (Член 22)

Во „случајот Аеродром“ иако екипата не е исклучена од наведените причини, се „рачуна“ дека екипата што всушност, нема право за настап, има одиграно регуларно 51% од натпреверите и резултатите од регуланиот дел не се бришат, а по исклучувањето во плеј-аутот, натпреварите  се регистрираат со 10-0 за противникот, а РК Аеродром си стои на дното на табелата како официјален 16 учесник во Супер лигата!

Сè е регуларно и по закон, така?!